Новиот закон за пушење оди пред Влада, следуваат строги контроли

Предлог-законот за заштита од употреба на тутунски и сродни производи во вторник ќе се најде на владина седница. Новото решение предвидува построги правила за пушење во јавни и работни простории, регулација на електронските цигари и појасни услови за угостителските објекти.

Новиот закон за пушење влегува во владина процедура. Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи во вторник ќе се разгледува на владина седница, а надлежните најавуваат дека решението треба да биде донесено што е можно побрзо.

Власта најавува строги инспекциски контроли на целата територија на државата и порака дека законот ќе важи еднакво за сите, без исклучоци по региони, градови или населени места.

Стариот закон повеќе не одговара на реалноста

Според Министерството за здравство, потребата од нов закон произлегува од фактот што постојното решение е донесено во 1995 година. Иако во меѓувреме законот имал девет измени, надлежните оценуваат дека тој повеќе не одговара на денешните навики, новите никотински производи и состојбите во јавниот простор.

Министерот за здравство Азир Алиу посочи дека тутунот останува сериозен јавно-здравствен проблем. Според податоците што ги презентираше, употребата на тутун се поврзува со 3.600 смртни случаи годишно, односно околу 13 проценти од сите смртни случаи во државата.

Економската загуба, според Алиу, се проценува на 38 милијарди денари, односно над 600 милиони евра годишно, што претставува околу 5,16 проценти од БДП.

Нови правила за терасите во угостителските објекти

Една од најважните промени се однесува на угостителските објекти. Новиот закон предвидува забрана за пушење во сите јавни и работни простории, додека во угостителските објекти пушењето ќе биде дозволено само на точно дефинирани отворени простори.

Терасите ќе треба да имаат покрив, најмалку две отворени страни и одвоени влезови. За угостителскиот сектор е предвиден едногодишен грејс-период, во кој објектите ќе можат да ги приспособат своите простори според новите правила.

Од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори велат дека фазната имплементација е важна за секторот да може да се адаптира со помали економски последици.

Електронските цигари влегуваат под регулација

Со новото законско решение се предвидува и регулација на никотинските производи, вклучувајќи ги и електронските цигари.

Законот предвидува забрана за рекламирање, промоција, спонзорство и изложување на тутунски производи на видливи места во продавниците.

Претставници на бизнис-секторот велат дека при подготовката на законот биле земени предвид дел од нивните забелешки, но посочуваат дека за одредени прашања треба да продолжи дијалогот меѓу институциите, јавно-здравствениот сектор и деловната заедница.

Целта на новото решение, според надлежните, е да се воспостави построг систем на заштита од пушење, да се намали изложеноста на чад во јавниот простор и да се усогласи регулативата со современите форми на употреба на тутунски и никотински производи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс