Нов закон ја отвора вратата за соларни централи и енергетски заедници: Полесни процедури за граѓани и инвеститори

Македонија со нов закон за обновливи извори воведува зелени зони, енергетски заедници, побрзи дозволи за соларни панели и нови правила за инвестиции во чиста енергија.

Македонија направи нов чекор кон забрзување на енергетската транзиција со донесувањето на Законот за користење енергија од обновливи извори, кој треба да создаде услови за поголемо домашно производство на електрична енергија, полесни инвестиции и поголема улога на граѓаните во енергетскиот систем.

Новата законска рамка предвидува поедноставени административни процедури, побрзо одобрување на проекти за обновлива енергија, можност за формирање енергетски заедници и олеснувања за поставување соларни панели на домовите. Целта е постепено намалување на зависноста од увоз на електрична енергија, зголемување на енергетската сигурност и усогласување со европските енергетски политики.

Законот е усогласен со Директивата (ЕУ) 2018/2001 за промоција на користењето енергија од обновливи извори, како и со новите европски механизми во рамки на пакетот „Fit for 55“ и планот REPowerEU. Иако законот е веќе донесен, најголем дел од неговите одредби ќе почнат да се применуваат од 2028 година, период во кој институциите треба да ги донесат подзаконските акти и да ја воспостават потребната инфраструктура.

Една од клучните новини е што проектите за производство на електрична енергија од обновливи извори добиваат статус на јавен интерес. Тоа значи дека институциите ќе имаат обврска приоритетно да постапуваат по барањата за изградба, одобрување и приклучување на нови енергетски капацитети.

Наместо инвеститорите со години да чекаат различни согласности, законот воведува пократки и јасно дефинирани рокови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс