Европа повторно се соочува со силен топлотен бран, а метеоролозите предупредуваат дека таканаречената „топлотна купола“ во наредните денови ќе донесе екстремно високи температури, тропски ноќи и сериозен ризик од шумски пожари.
Според прогнозите на Severe Weather Europe, масивен и стабилен систем на висок воздушен притисок веќе ги зафаќа Шпанија, Португалија и Франција, а до крајот на неделата и во текот на следната недела ќе се прошири кон Балканот и Медитеранот.
Најновите метеоролошки модели покажуваат дека многу топла воздушна маса од северозападна Африка ќе донесе дневни температури од 38 до 41 Целзиусов степен во поголем дел од Балканот и јужна Италија. Метеоролозите предупредуваат дека состојбата дополнително ќе ја влоши веќе изразената суша, бидејќи почвата е исушена по претходните топлотни бранови во мај и јуни. Поради тоа, значително се зголемува опасноста од избувнување и брзо ширење на шумски пожари.
Што е „топлотна купола“?
„Топлотна купола“ е метеоролошки феномен што се создава кога силен систем на висок воздушен притисок останува подолго време над ист регион. Тој дејствува како капак, задржувајќи го жешкиот воздух близу до површината и спречувајќи навлегување на посвеж и повлажен воздух. Како резултат на тоа, температурите остануваат исклучително високи и преку ден и во текот на ноќта, а врнежите речиси целосно изостануваат.
Во делови од Шпанија, Португалија и јужна Франција температурите веќе достигнуваат и до 45 степени, што е за 10 до 15 степени над просекот за овој период од годината. Метеоролозите предупредуваат дека доколку „топлотната купола“ се задржи подолго, Европа би можела повторно да се соочи со еден од најекстремните летни топлотни бранови во последните години.