Нов фронт за контрола на ВИ – 20 земји бараат глобални правила

Дваесет земји и Европската унија отворија нова иницијатива за меѓународно регулирање на најнапредните системи на вештачка интелигенција, со цел технологијата да остане под човечки надзор.

Предлогот доаѓа во момент кога развојот на таканаречените „frontier AI“ модели напредува со голема брзина, а владите се соочуваат со прашањето како да се спречат потенцијално опасни примени без да се запре технолошкиот развој.

Според декларацијата, компаниите би требало да воведат задолжителни безбедносни тестирања пред пуштање на новите модели, независни проценки и транспарентни протоколи за ризици. Земјите, пак, се повикуваат да работат на заеднички стандарди и систем за известување за сериозни инциденти поврзани со ВИ.

Иницијативата ја предводат Финска и Норвешка, а меѓу поддржувачите се Германија, Канада, Австралија, Шпанија, Холандија, Ирска, Сингапур, Јужна Африка, Кенија, Обединетите Арапски Емирати и други земји, како и Европската комисија.

Најзначајниот предлог е разгледување на можноста за создавање меѓународна институција за ВИ, која би поставувала стандарди, би овозможувала нивна проверка и би можела да ги собира државите кога системите ќе достигнат одредени критични способности. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја поздрави иницијативата и повика да се разгледа создавање ваква институција.

Но, во иницијативата недостасуваат две од најважните сили во глобалната трка за вештачка интелигенција – САД и Кина. Не се приклучија ниту Велика Британија, Франција, Италија, Индија и Јапонија.

Финскиот претседател Александар Стуб, еден од иницијаторите, сепак смета дека и Вашингтон и Пекинг би имале интерес од воспоставување одредени безбедносни механизми.

„Човечкото учество е потребно и луѓето мора да ја имаат иницијативата“, порача Стуб во разговор за Politico.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе предупреди дека напредокот на ВИ носи огромен потенцијал, но и сериозни ризици за безбедноста, поради што е потребна политичка реакција и поголема одговорност од технолошките компании.

Меѓународната иницијатива доаѓа во пресрет на дискусиите за ВИ на Генералното собрание на ОН во Њујорк, каде што прашањето за безбедноста и управувањето со најнапредните системи станува сè поважна тема. Дополнително, извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, е најавен како говорник пред Советот за безбедност на ОН за влијанието на ВИ врз меѓународната безбедност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс