Нов бран невреме ја зафаќа Македонија: Поројни дождови, грмежи и можен град во вторник и среда

Метеоролозите најавуваат ново дестабилизирање на времето во Македонија на 16 и 17 јуни. Се очекуваат поројни дождови, грмежи, силен ветер и локално невреме со град.

По краткиот период на стабилно и топло време, Македонија повторно ќе биде зафатена од нестабилна воздушна маса. Според најавите на метеоролозите, во вторник и среда (16 и 17 јуни) се очекува ново поголемо дестабилизирање на атмосферата под влијание на атмосферски фронт кој од север ќе донесе посвеж воздух на висина.

Во попладневните часови ќе се создаваат нестабилни и влажни воздушни бранови, кои ќе условат развој на конвективни облаци и грмотевични процеси на повеќе места низ земјата. Се очекува појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Поради високите температури и акумулираната енергија во атмосферата, локално временските процеси може да бидат поинтензивни. Постојат услови за невреме проследено со обилни врнежи, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град. Нестабилното време нема да го одмине ниту Скопскиот регион. И во главниот град и околината во вторник и среда попладне се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално е можна и појава на невреме со град.

Температурите и покрај нестабилноста ќе останат релативно високи. Максималните дневни вредности низ Македонија ќе се движат од 26 до 34 степени Целзиусови, додека во Скопје температурата ќе достигнува околу 30 до 31 степен. Метеоролозите препорачуваат внимателност при движење на отворено во попладневните часови, особено во подрачјата каде што ќе се развијат поинтензивни грмотевични облаци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс