Норвешка ќе продолжи со експлоатација на нафта и природен гас во Баренцовото Море, без оглед на заложбите на дел од Европската Унија за воведување мораториум на арктичките енергенси. Норвешкиот министер за енергетика, Терје Осланд, во интервју за Ројтерс истакна дека развојот на овие наоѓалишта е суверено право на земјата и клучен предуслов за долгорочната енергетска сигурност на целиот европски континент.
Официјално Осло планира да го задржи сегашното високо ниво на производство и извоз на нафта и гас најмалку до 2035 година. По руската инвазија врз Украина во 2022 година, Норвешка стана најважниот енергетски партнер на Европа, обезбедувајќи околу 30 проценти од вкупните потреби за природен гас на ЕУ и Велика Британија.
Официјалните анализи покажуваат дека без отворање нови наоѓалишта на северот, норвешкото производство значително ќе опадне по 2030 година. Властите тврдат дека деловите од Баренцовото Море каде што се планираат активностите се без мраз преку целата година, што драстично ги намалува еколошките ризици во споредба со подлабоките арктички зони.
Министерот Осланд отворено призна дека поранешниот концепт според кој Норвешка требаше да служи како „зелена батерија“ на Европа, балансирајќи ја мрежата исклучиво со својата хидроенергија преку подводни кабли, бил погрешна проценка.
Длабоката интеграција во европскиот електроенергетски пазар доведе до раст на цените на струјата и незадоволство кај домашните потрошувачи. Поради тоа, Осло нема да гради нови интерконектори и директно ги повикува европските земји да ја зајакнат сопствената базна енергија, ослабена од предвременото затворање на нуклеарните и термоцентралите.
Додека Брисел формално дебатира за строги еколошки рамки, првиот човек на Меѓународната агенција за енергија (IEA), Фатих Бирол, веќе побара од ЕУ да го преиспита противењето кон арктичките проекти. Доколку Унијата воведе ограничувања за увоз, Норвешка најавува дека арктичката нафта и течниот гас од постројката во Хамерфест едноставно ќе се пласираат на глобалниот пазар.