Украинските напади со дронови врз нафтената инфраструктура предизвикаа сериозен недостиг на гориво во најмалку 30 региони низ Русија, вклучувајќи ги главниот град Москва и Московската област. Додека големите нафтени синџири веќе воведуваат рестрикции и лимити на пумпите, руски економски експерти во егзил оценуваат дека логистичката блокада и недостигот на дизел би можеле драстично да го забрзаат крајот на војната.
Кризата со снабдување со бензин и дизел најсилно ги погоди централните и јужните делови на земјата, каде што на пумпите на гигантите како „Gazprom Neft“ и „Tatneft“ се бележат километарски колони или ограничувања при точење. Како што пренесуваат независните аналитичари, нарушувањето на синџирите за снабдување веќе предизвикува пад на нарачките во секторот за испорака, такси-превозот и градежната индустрија.
Покрај недостигот, сериозен проблем претставува и наглиот пад на квалитетот на горивото што се пушта во промет. Економскиот експерт Николај Коршеневски предупредува дека несоодветните мешавини на нафтени деривати предизвикуваат масовни дефекти на возилата, а сервисите за автомобили во Москва веќе имаат листи на чекање од неколку месеци поради недостиг на резервни делови. Дополнително, руското производство на нафта е паднато под 9 милиони барели дневно, со ризик за понатамошен пад.
Економистот Игор Липсиц истакнува дека оштетените капацитети не можат брзо да се санираат под постојана закана од нови напади. Затоа властите воведуваат затворен систем на дистрибуција, каде што полицијата, итните служби и државните органи имаат приоритетен пристап до бензинските станици. Оваа селективна поделба создава револт кај граѓаните и потсетува на кризните модели од распадот на Советскиот Сојуз.
Според рускиот економски аналитичар Вјачеслав Ширјаев, доколку Украина успее да го удвои интензитетот на нападите врз инфраструктурата за преработка, руската економија би се соочила со системски колапс. Без дизел, железничката мрежа и десетици илјади товарни камиони не можат да функционираат, што значи прекин на жетвата, празни продавници и неможност за извршување на воените наредби на Кремљ.
Ескалацијата на нападите врз руските рафинерии директно влијае врз берзанските движења на суровата нафта и регионалните цени на дериватите во Европа.