АфД најавува укинување на еврото и затворање на германските граници

Лидерката на АФД Алис Вајдел бара итно раскинување на Шенгенскиот договор и враќање на националната валута, тврдејќи дека заедничкиот европски систем го осиромашува населението.Десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) планира да го укине еврото и целосно да ги затвори националните граници доколку освои власт на сојузно ниво. Ова го потврди копретседателката на партијата Алис Вајдел во интервју за германскиот јавен сервис ЦДФ (ZDF), најавувајќи радикален пресврт во економската и миграциската политика на најголемата европска економија.
Фото: Olaf Kosinsky, CC BY-SA 3.0 DE, via Wikimedia Commons

Десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) планира да го укине еврото и целосно да ги затвори националните граници доколку освои власт на сојузно ниво. Ова го потврди копретседателката на партијата Алис Вајдел во интервју за германскиот јавен сервис ЦДФ (ZDF), најавувајќи радикален пресврт во економската и миграциската политика на најголемата европска економија.

Вајдел оцени дека еврото е „мека и нестабилна валута“ која предизвикува голема прераспределба на богатството и доведува до осиромашување на работничката класа. Според неа, Германија бележела значително подобри економски резултати пред воведувањето на заедничката валута, поради што партијата останува доследна на својата изборна програма за враќање на националната монетарна сувереност.

Покрај монетарните промени, раководството на АфД најавува итно повлекување на Германија од Шенгенскиот договор. Вајдел тврди дека актуелната миграциска политика на „отворени граници“ ја нарушува внатрешната безбедност на земјата, повикувајќи се на неодамнешните мигрантски притисоци врз надворешните европски граници.

Евентуалното напуштање на еврото од страна на водечката економија во ЕУ би значело распад на еврозоната и длабоки потреси на глобалните финансиски пазари. Истовремено, затворањето на германските граници би значело де факто крај на слободното движење во рамките на Шенген-зоната и воведување постојани контроли на сите влезни коридори.

Овие пораки доаѓаат во период на зголемена популарност на АфД во сојузните покраини, но претставуваат и главна пречка за коалицирање со останатите германски партии, кои засега одбиваат каква било соработка со десницата на сојузно ниво.

Германија е главен трговски партнер на Македонија и најголема дестинација за македонскиот извоз, како и земја во која живее и работи бројна македонска дијаспора. Секоја нестабилност на германската економија или рестрикции во движењето на работната сила директно влијае врз македонскиот индустриски сектор, дознаките од странство и протокот на стоки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс