Забрането движиње низ Халкидики утре, казни и до 300 евра

Мерката важи за трите крака во период од 12 часа, а полицијата најавува казни од 300 евра за сите прекршители на забраната.
Фото: Flickr/Tobias Van Der Elst

Властите во грчкиот регион Халкидики воведоа вонредна забрана за движење во шумските подрачја за недела, 23 август, поради екстремно висок ризик од избувнување шумски пожари. Одлуката ја донесе заменик-гувернерката на округот, Катерина Зографу, откако метеоролошките служби и цивилната заштита прогласија категорија 3 на опасност од пожари.

Ограничувањето стапува на сила во 8:00 часот наутро и ќе трае непрекинато до 20:00 часот навечер. Мерката се однесува на пешаци и на сите видови моторни возила во шумските предели и заштитените зони на трите полуострови.

Во општина Касандра движењето е целосно забрането на делот од Корифограми, од Касандрино до Агиа Параскеви. На Ситонија рестрикцијата ја опфаќа шумската зона Корифограми од Мелиси до врвот Пророк Илија, како и пристапниот пат кон Азико. Во општина Аристотел под забрана се шумските патишта кај Комица и ридот Кастели кон Урануполи, областа Пророк Илија во Стратони, како и шумскиот масив Мегали Панагија кон Гомати.

Грчката полиција, противпожарната служба и армиските единици ќе вршат засилени теренски контроли во текот на целиот ден. За секое непочитување на одлуката е предвидена парична глоба во висина од 300 евра.

Од мерката се изземени единствено лицата кои постојано живеат или работат во наведените шумски региони, исклучиво за нивните секојдневни работни потреби, како и припадниците на спасувачките служби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс