Македонските транспортни компании на 31 август ќе одржат двочасовен протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, поради нерешениот проблем со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната. Од асоцијацијата „Макам-транс“ потврдија дека предупредувачкиот собир ќе се одржи од 12 до 14 часот, со учество на најмалку 20 камиони и голем број вработени од транспортниот сектор од целата држава.
Протестот во Скопје не е изолиран чекор, туку дел од координирана регионална акција што истиот ден ќе се одржи и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Притисокот на балканските транспортни асоцијации доаѓа само еден ден пред клучниот состанок на работната група во Брисел, закажан за 1 септември, на кој треба да се разгледува токму режимот на престој на професионалните возачи. Од „Макам-транс“ истакнуваат дека Брисел веќе седум месеци нема покажано конкретна волја за надминување на состојбата, иако во европските визнати стратегии овие возачи се јасно дефинирани како лица што вршат професионална дејност.
Главниот проблем за транспортните компании произлегува од стриктната примена на правилото за максимален престој од 90 дена во период од 180 дена во Шенген-зоната. Бидејќи камионџиите поминуваат недели чекајќи на границите и возејќи транзитни рути, тие многу брзо го исцрпуваат дозволениот број денови, по што ризикуваат казни, депортации и забрани за влез.
Тоа создава сериозен недостиг од кадар кај домашните фирми, го забавува увозот и извозот и директно ги зголемува трошоците за логистика во македонската економија.
Доколку преговорите на 1 септември во Брисел завршат без прифатливо преодно решение, превозниците најавуваат радикализација на мерките. Се подготвува нов протест со целосни блокади на граничните премини, кој би започнал на 14 септември и би траел подолго од десет дена, слично на јануарските блокади.
За започнување на ваквиот чекор во тек е анкета со која е потребна поддршка од најмалку 70 отсто од домашните превозници. Од асоцијацијата најавуваат дека во случај на блокада, ќе биде обезбеден непречен коридор единствено за стратешки стоки од критичен интерес за државата, како што се нафтени деривати, јаглен и лекови.