Ноќна контрола во Скопје: Казнети 262 возачи, 93 мотоциклисти без кацига

МВР спроведе акција низ главниот град во која шест лица се приведени за загрозување на сообраќајот, а еден мотор е одземен.

Секторот за внатрешни работи Скопје синоќа спроведе зајакната акциска контрола на патиштата, при што полициските службеници санкционираа вкупно 262 возачи. Фокусот на контролата беше ставен на возачите на мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, каде се изречени 102 мерки, а најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на возење без заштитна опрема.

Засилените сообраќајни проверки се одвиваа во периодот од 18:00 до 01:00 часот по полноќ, со вклученост на Одделението за безбедност на патниот сообраќај и полициските станици од општа надлежност.

Од вкупно 102 мерки изречени за возачи на мопеди и мотоцикли, дури 93 санкции се однесуваат на управување без заштитна кацига. Петмина возачи биле затекнати зад управувачот без положен возачки испит, додека четири лица управувале возило од несоодветна категорија. Еден мотоцикл е привремено одземен бидејќи имал истечена регистрација подолго од шест месеци.

Покрај мерките за моторите, сообраќајната полиција евидентираше уште 160 прекршоци кај останатите учесници во сообраќајот. Овие казни опфаќаат возење без возачка или сообраќајна дозвола, неистакнати регистарски таблички и минување на црвено светло на семафорите.

За време на ноќната акција, шест лица се лишени од слобода врз основа на член 297-а од Кривичниот законик, кој се однесува на загрозување на безбедноста во сообраќајот. Од полицијата најавуваат дека ваквите контроли ќе продолжат и во наредните денови со цел зголемување на безбедноста на патиштата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс