Ноемвриски дожд

foto: youtube

“Nothin’ lasts forever
 And we both know hearts can change
 And it’s hard to hold a candle
 In the cold November rain“

Однапред се извинувам што предоцна во месецот ја постирам “November Rain” на Guns and Roses. Секој досетлив македонски прогресивец го прави тоа во мугрите на 1ви ноември, небаре даваат сладолед на кој ќе му текне. А текнувала сме, уште од Итар Пејо па наваму, рамни нѝ нема. Досетките суверено владеат како врвно изразно средство меѓу нас. Така ситни и уплашени од се што мрда наоколу, го дотепуваме Бога во себе со недоквакани, фобични, крмачки, нацистички досетки. Токму поради такви досетки, одредени “итреци“ од социјалните мрежи уживаат огромна популарност помеѓу напатениот македонски народ. Некои дури доживуваат литературна, па и политичка кариера долж таа поројна “досетливост“.

фото: YouTube

Првите дождови во ноември беа лесни, пријатни и топли. Безгрижно се шетав по дожд, со единствена цел – да се наводенам. Нешто се промени кон средината на месецот. Не знам дали е до мене, или Господ така сакал, но одеднаш залади, воздухот замириса на изгорена пластика, а луѓето почнаа да се тепаат по улици и да кршат компјутери на телевизија. Пред очиве почнаа глави да се тркалаат ко пити кашкавал по удолница. Жива депресија. Несреќна нација. Канализација.

Пар години назад, се сеќавам ко вчера да беше… исто вакво студено, врнежливо, бесперспективно ноември, кога скопските прогресивни неутралци решија да му изгласаат самоубиство на нашиот град. Разочарани од утрото, денот, ноќта и огледалото, се досетија на споро и болно самоубиство, како автохтон уметнички концепт. Спокојно си седиме и чекаме да се урне Универзална, или некој мост во градот, за да заклучиме дека никој не е крив за тоа. Ете, Господ така сакал. Златен Господ, не? Секогаш е тука за нас Македонците.

Ако сакате наречете ме и Баба Ванѓа, но предвидувам дождлив ноември и за следната година. Предвидувам и дека до тогаш многу горливи долгорочни проблеми за македонскиот народ ќе бидат решени. За почеток ќе престанеме да го мериме загадувањето, па ќе ги вратиме знамето, името, идентитетот, териториите од времето на Александар и секој ќе може да паркира каде сака на тротоар…. Се на сѐ, ќе ги вратиме старите добри времиња, кога мажот беше маж, жената беше нула, а коњот беше човековиот најдобар пријател. Така среќни, безгласни и со румени образи, ќе заседаваме околу топлото ќумбе и ќе му се смееме во лице на ноемврискиот дожд од иднината.

фото: YouTube

Во духот на ова непогрешливо визионерство кое целосно ме обзема додека се тресам вака стуткан и скиснат од студениот ноемврискиот дожд, ќе се осмелам да ви предложам и финална солуција за македонското прашање. Предлагам вечен ноември. Ако ништо друго, барем отсега натаму ништо не ќе може да нѐ разочара. Солзите се практично невидливи на студениот ноемвриски дожд.

“And when your fears subside
 And shadows still remain, oh yeah
 I know that you can love me when there’s no one left to blame
 So never mind the darkness, we still can find a way
 ‘Cause nothin’ lasts forever, even cold November rain“

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни