„Сите ружи на секого различно мирисаат“: Балканот, различноста и храброста да бидеш свој во „Црно злато“

Со приказната за Ангела, трансродова жена која се враќа дома, „Црно злато“ зборува за семејството, стравот, љубовта и општеството што сè уште учи како да ја прифати различноста.

„Сите ружи на секого различно мирисаат.“

Оваа реченица што ја изговара Мара, мајката во претставата „Црно злато“, покрај тоа што е една од најсилните реплики во драмата, таа е ѝ нејзината суштина. Нејзиниот манифест. Нејзиното болно и долго задоцнето сознание дека различноста не е закана, туку дел од човечноста.

Со изведбата на Белградскиот драмски театар, 60. јубилејно издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“ доби финале што не бара аплауз поради спектакл, туку поради храброст. Храброст да се отвори тема која на Балканот сè уште предизвикува нелагодност, страв и отпор. Храброст да се зборува за слободата да се биде свој.

„Црно злато“ е приказна за едно семејство што тоне. Полека, болно и неизбежно. Како Титаник кој одамна удрил во санта мраз, но патниците сè уште се преправаат дека музиката свири и дека сè е во ред. Пропаѓа семејниот пансион, пропаѓаат меѓусебните односи, пропаѓаат илузиите за тоа каков треба да биде животот. Се распаѓа еден свет изграден врз правила што одамна престанале да функционираат.
Но ова не е приказна за недостаток на љубов.

Напротив.

Ова е приказна за љубов која не успева да се ослободи од стегите на наследените норми. За родители кои сакаат, но не знаат како да прифатат. За генерација која е воспитана да верува дека постои само еден правилен пат. За општество кое со децении било учено да се плаши од различноста.

Во центарот на драмата е Ангела, некогаш Ангел, трансродова жена која по долг период се враќа дома за да им помогне на своите родители. Нејзиното доаѓање не е само враќање на едно дете во семејниот дом. Тоа е судир на два света. Судир на минатото и иднината. Судир на стравот и слободата.
Ања Ќурчиќ создава лик што долго останува со гледачот. Без патетика, без обид да предизвика сожалување, таа носи достоинство, ранливост и сила во секој поглед и секој збор. Нејзината Ангела не бара дозвола да постои. Таа само бара право да биде човек.

Токму тука лежи најголемата вредност на претставата.

„Црно злато“ не зборува само за трансродовоста. Тоа би било премногу едноставно. Таа зборува за секој човек што некогаш бил оттурнат затоа што бил поинаков. За сите оние што морале да се објаснуваат за своето постоење. За сите кои плаќале висока цена за сопствената автентичност.

И затоа оваа приказна толку силно кореспондира со Балканот.

На овие простори сè уште е тешко да се биде различен. Тешко е да се биде гласен кога сите бараат тишина. Тешко е да се биде свој кога целото општество очекува да бидеш нечија копија. Тешко е да се избере слободата кога припаѓањето често има повисока цена од вистината.

Во таков контекст, „Црно злато“ станува повеќе од театарска претстава. Таа станува огледало.
Огледало во кое не се гледа само едно семејство од Србија, туку многу балкански семејства. Нашите соседи. Нашите родители. Нашите стравови. Нашите недоречени разговори.

Посебна вредност има ансамблот на Белградскиот драмски театар. Милутин Милошевиќ и Наташа Марковиќ како брачниот пар што се обидува да го задржи светот кој им се распаѓа пред очи, создаваат ликови исполнети со болка, конфузија и човечност. Ниту еден лик не е еднодимензионален. Ниту еден не е целосно виновен. И токму затоа сите се толку вистинити.

Режиски и актерски, претставата функционира како прецизно изграден механизам во кој секој дел има своја улога. Нема вишок емоции, но има многу вистински чувства. Нема големи декларации, но има многу вистини.

По завршувањето на претставата останува едно прашање што долго одекнува:
Колку луѓе околу нас сме изгубиле затоа што сме одбиле да ги прифатиме такви какви што се?

„Сите ружи на секого различно мирисаат“ не е само реплика. Тоа е лекција што Балканот сè уште ја учи.
А „Црно злато“ е една од оние ретки претстави што не ви кажува што да мислите. Таа само ве тера да се погледнете себеси. И токму затоа е толку моќна.

Не случајно драмата годинава ќе биде поставена и во Македонскиот народен театар во режија на Слободан Унковски.

Зашто ова не е приказна што му припаѓа на едно општество. Ова е приказна што му припаѓа на секој човек што некогаш се борел за правото да биде свој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс