Британскиот јавен сервис Би-би-си официјално потврди дека се враќа култната емисија „Топ гир“. Директорот на забавната програма на куќата, Ед Хавард, ја соопшти одлуката за време на панел-дискусија на Телевизискиот фестивал во Единбург. Најавата доаѓа по паузата од речиси четири години, предизвикана од сериозниот инцидент на патеката за време на продукцијата на 34. сезона.
„Имаше многу шпекулации за ова и сега можеме да потврдиме дека ‘Топ гир’ се враќа“, изјави Хавард пред публиката во Единбург.
Јавниот сервис ја стави продукцијата во мирување во 2022 година по несреќата во која тогашниот водител Фреди Флинтоф се здоби со тешки повреди на лицето и скршеници на ребрата. Возилото на три тркала што го управуваше Флинтоф се преврте при брзина поголема од 160 километри на час на тест-патеката во Сари. Снимањето на сезоната беше веднаш прекинато, а телевизијата подоцна исплати отштета од околу девет милиони фунти според постигнатата вонсудска спогодба во 2023 година.
Иако во британската јавност веќе кружат гласини дека комичарот Џими Кар би можел да застане на чело на обновениот проект, Хавард одби да открие детали околу новиот состав.
„Џими би бил одличен водител, но денес нема да зборувам за тоа. Наскоро ќе имаме повеќе информации за проектот“, рече Хавард.
Паралелно со најавата за враќање на емисијата, Би-би-си се соочува со посебна тужба од поранешниот возач на Формула 2, Пол Рис, кој во јавноста беше идентификуван како последниот тест-возач под кацигата на „Стиг“. Рис, кој исто така бил во возилото за време на падот, бара отштета тврдејќи дека навреме предупредувал на безбедносните ризици. Од Би-би-си соопштија дека целосно ја оспоруваат тужбата и правно ќе се бранат пред судот.