Поместувањето на часовникот засега останува дел од европската секојдневна рутина. Европската комисија го објави официјалниот распоред за почетокот и завршувањето на летното сметање на времето до 2031 година, согласно со важечките правила на Европската Унија.
Според распоредот, летното сметање на времето започнува во последната недела од март, а завршува во последната недела од октомври.
Во 2026 година, часовниците ќе се вратат еден час наназад на 25 октомври. Следната година летното сметање ќе започне на 28 март, а ќе заврши на 31 октомври.
Распоредот за следните години е:
| Година | Почеток на летното сметање | Крај на летното сметање |
|---|---|---|
| 2027 | 28 март | 31 октомври |
| 2028 | 26 март | 29 октомври |
| 2029 | 25 март | 28 октомври |
| 2030 | 31 март | 27 октомври |
| 2031 | 30 март | 26 октомври |
За Македонија, според актуелниот распоред, часовникот годинава ќе се врати еден час наназад на 25 октомври, а во 2027 година повторно ќе се помести еден час нанапред на 28 март.
Сепак, објавувањето на распоредот не значи дека поместувањето на часовникот дефинитивно ќе продолжи до 2031 година.
Европската Унија со години разговара за укинување на летното и зимското сметање на времето. Европскиот парламент во 2019 година поддржа предлог за прекин на сезонското поместување, но земјите членки не постигнаа договор за тоа кое време би го задржале, па промената беше одложена.
Доколку во меѓувреме биде усвоена нова регулатива, сезонското поместување на часовникот би можело да биде укинато и пред истекот на објавениот распоред.