Дата центри: што се и зошто толку трошат струја местата каде што живее интернетот

Тајноста околу проектот во Пехчево отвори оправдани прашања за потрошувачката на вода и струја, но и простор за полунаучни теории и наративи за светски заговори. Што навистина претставуваат дата-центрите и каде влегува вештачката интелигенција во целата приказна?

Кога отвораме веб-страница, гледаме видео, плаќаме со картичка, зачувуваме фотографија или разговараме со систем со вештачка интелигенција, информацијата доаѓа од физички компјутер. „Облакот“ има покрив, ѕидови, кабли и сметка за струја.

Физичкиот дом на интернетот е дата-центарот.

Во Македонија деновиве се крена голема прашина околу иницијативата за изградба на дата-центар во Панчарево, во Општина Пехчево. Јавноста не го дозна името на инвеститорот, големината на објектот, потрошувачката на вода и струја, технологијата за ладење, ниту економската корист за локалната заедница.

Советот на Општина Пехчево на 25 август едногласно ја отфрли иницијативата за почнување урбанистичка постапка. Проектот не стигна до фаза на одобрение за градба, а основните технички податоци останаа непознати.

Без нив, зборот „дата-центар“ кажува многу малку.

Што има во еден дата-центар?

Дата-центарот е објект исполнет со сервери – моќни компјутери што чуваат, обработуваат и испраќаат дигитални податоци.

Покрај серверите, потребни се системи за складирање податоци, брзи интернет-конекции, трансформатори, батерии, резервни генератори и опрема за ладење. Сето тоа работи 24 часа дневно, бидејќи банкарските трансакции, веб-страниците, државните системи, мобилните апликации и облачните услуги мора да бидат постојано достапни.

Називот опфаќа објекти со сосема различна големина. Мал дата-центар може да содржи неколку десетици серверски ормани. Големите центри на Google, Amazon, Microsoft или Meta изгледаат како индустриски комплекси и можат да имаат моќност од стотици мегавати.

Затоа, пред да се процени влијанието врз околината, мора да се знае колкав центар се планира и за што ќе се користи.

Каде влегува вештачката интелигенција?

Традиционалните дата-центри чуваат фотографии, видеа, веб-страници, деловни документи и бази на податоци. Вештачката интелигенција бара значително поголема пресметувачка моќ.

Моделите како ChatGPT најпрво се обучуваат со огромни количества текст, слики и други податоци. Потоа се користат за одговарање на милиони кориснички барања. За овие операции се употребуваат илјадници специјализирани графички процесори, познати како GPU.

Таквите процесори трошат многу струја и создаваат голема количина топлина на мал простор. Меѓународната агенција за енергија проценува дека голем дата-центар специјализиран за ВИ може да има моќност од 100 мегавати и годишно да потроши струја колку околу 100.000 домаќинства.

Дата-центрите глобално потрошиле околу 415 терават-часови електрична енергија во 2024 година, што претставува околу 1,5 проценти од светската потрошувачка. До 2030 година таа потрошувачка би можела да се удвои, проценува Меѓународната агенција за енергија.

Зошто им треба вода?

Речиси целата електрична енергија што ја користат серверите завршува како топлина. Таа мора постојано да се отстранува за опремата да не се прегрее.

Некои дата-центри се ладат со големи вентилатори и суви разладни системи. Тие трошат минимално количество вода, но можат да трошат повеќе електрична енергија и да создаваат бучава.

Други користат разладни кули во кои водата ја презема топлината и испарува. Таквиот систем троши помалку струја за ладење, но може да користи стотици илјади или милиони литри вода дневно.

Современите системи за директно ладење на процесорите користат течност што кружи во затворен систем. Microsoft веќе воведува дизајн во кој водата се внесува еднаш и потоа постојано циркулира, без нејзино испарување при ладењето.

Научните анализи покажуваат распон од речиси нула до 4,4 литри вода за секој киловат-час потрошен од серверите. Тоа значи дека хипотетички дата-центар од 10 мегавати може да троши од минимално количество до повеќе од еден милион литри вода дневно, зависно од системот за ладење. Центар од 100 мегавати со испарувачко ладење може да троши неколку милиони литри дневно.

Истражувањето објавено во списанието npj Clean Water покажува колку големи можат да бидат разликите меѓу одделни објекти и технологии.

Оттука, за проектот во Пехчево не може да се пресмета потрошувачката на вода. Не се познати ниту големината на центарот ниту начинот на ладење.

Струјата е поголемото прашање за Македонија

Македонскиот електроенергетски систем сè уште е силно зависен од фосилни горива. Според податоците за 2024 година, обновливите извори учествувале со 39,4 проценти во домашното производство на електрична енергија. Јагленот обезбедил околу 38 проценти, додека значителен дел од остатокот дошол од гасните термоцентрали. РЕК „Битола“ останува клучниот домашен производител на струја од лигнит.

Голем дата-центар приклучен на македонската мрежа би имал значителен јаглероден отпечаток. Производството на потребната струја би создавало емисии во Битола, во гасните централи или во земјите од кои Македонија увезува електрична енергија.

Инвеститорот затоа треба да објави колкава електрична моќност бара, колкава би била годишната потрошувачка, дали ќе изгради сопствени обновливи капацитети и како ќе обезбеди напојување ноќе и во зима.

Соларна централа со иста номинална моќност не значи целосно напојување со сончева енергија. Серверите работат и кога сонцето не свети, па потребни се батерии, друг стабилен извор или преземање струја од мрежата.

Кои се реалните еколошки ризици?

Покрај потрошувачката на вода и струја, дата-центрите можат да создаваат постојана бучава од вентилаторите, трансформаторите и разладните системи. Резервните дизел-генератори испуштаат загадувачки материи кога се тестираат или се активираат при прекин на електричната енергија.

Изградбата бара земјиште, пристапни патишта, далноводи и трафостаници. Серверите, батериите и другата опрема периодично се заменуваат и создаваат електронски отпад. Водата од разладните кули може да содржи концентрирани соли и хемикалии против корозија и развој на бактерии.

Влијанијата можат значително да се намалат со соодветна локација, затворен систем за ладење, употреба на техничка или пречистена вода, обновлива енергија, батерии, звучна изолација и искористување на отпадната топлина.

Секое такво решение мора да биде наведено во проектот, измерено и проверливо.

Недостигот од информации ја храни паниката

Еколошките прашања околу дата-центрите имаат реална основа. Потрошувачката на струја и вода, емисиите, бучавата и притисокот врз локалната инфраструктура мора да бидат проценети пред одобрувањето на проектот.

Молчењето на институциите и инвеститорот создава простор во кој оправданите сомнежи се мешаат со полунаучни теории, страв од технологијата и националистичката порака „ни ја валкаат Македонија“.

Таквата рамка го прикрива суштинското прашање: кој инвестира, колкав објект гради, колку ресурси ќе користи, кој ќе ја плати потребната инфраструктура и што ќе остане за локалната заедница?

Македонија може да има дата-центри. Тие се дел од инфраструктурата на современото општество, исто како телекомуникациските мрежи и електроенергетскиот систем. Одлуката каде и како ќе се градат мора да почне со јавно име на инвеститорот, целосен проект и мерливи обврски.

Пехчево доби барање за доверба без податоци и, нормално, го одби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс