Факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска ќе ги објават конечните ранг-листи со примените кандидати за прва година во академската 2026/2027 година. Станува збор за кандидатите кои се пријавија на првиот уписен рок, одржан на 18 и 19 август. За примените студенти, запишувањето ќе се спроведува на 3 и 4 септември.
На 23-те факултети на УКИМ годинава беа понудени вкупно 8.851 место за нови студенти.
Од нив:
- 4.395 места се за редовни студенти во државна квота;
- 3.621 место се за редовни студенти со кофинансирање;
- 835 места се за вонредни студенти.
Најмногу слободни места имаа некои од најголемите факултети на УКИМ. Медицинскиот факултет понуди 950 места, Филолошкиот 805, ФИНКИ 800, Филозофскиот 635, Економскиот 655, Природно-математичкиот 626, додека ФЕИТ и Машинскиот факултет имаа по 600 места. На Правниот факултет беа предвидени 555 места.
Колку ќе плаќаат студентите?
Студентите примени во државната квота плаќаат надомест за студирање од 200 евра во денарска противвредност. За студентите во квотата за кофинансирање, како и за вонредните студенти, школарината изнесува 400 евра.
За факултетите на кои ќе останат слободни места, вториот уписен рок е предвиден за 10 и 11 септември, додека третиот рок ќе се одржи на 23 септември. За пријавување, кандидатите треба претходно да се регистрираат на системот за електронско пријавување upisi.ukim.mk и да ја пополнат електронската пријава преку iKnow-системот.
Бројот што кандидатот го добива автоматски при електронското пријавување треба да се внесе и во пријавата што се доставува при запишувањето. Пријавувањето се врши во службата за студентски прашања на избраниот факултет. Студиската 2026/2027 година на УКИМ официјално започнува на 1 октомври.
Извор: МИА