Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин во Турција за да се договорат итен прекин на огнот и механизам за надзор на мирот. Во интервју за Си-ен-ен Турк, Зеленски посочи дека директните преговори на ниво на шефови на држави се неопходни затоа што досегашните средби на работните делегации не успеаја да ја сопрат војната.
Зеленски истакна дека очекува помош од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за организирање на овие разговори. Според украинскиот претседател, воениот конфликт може да се реши единствено преку разговор со личноста што ги носи одлуките во Москва.
„Подготвени сме за оваа средба во Турција. Знам дека претседателот Ердоган има свои врски со Путин. Затоа го поддржуваме одржувањето на средбата во Турција“, рече Зеленски.
Покрај договорот за запирање на борбените дејствија, разговорите на највисоко ниво треба да опфатат јасни безбедносни гаранции за Украина, меѓународен механизам за контрола на договореното, повоена обнова на уништените градови и статусот на окупираните подрачја.
Украинскиот претседател децидно ги одби руските барања Киев да го предаде Донбас или да го признае Крим како руска територија. Секое попуштање пред ваквите ултиматуми претставува директно кршење на украинскиот Устав.
Зеленски се осврна и на можноста да учествува на самитот на лидерите на Г20 во Мајами во декември. Тој наведе дека Украина сè уште нема добиено официјална покана од Вашингтон, но постојат сигнали дека американскиот претседател Доналд Трамп може да упати покана како дел од иницијатива за завршување на војната.
