Кремљ му порача на Зеленски: Путин е подготвен за разговор

Советникот на рускиот претседател тврди дека Путин би одговорил на телефонски повик од украинскиот лидер. Киев, пак, најавува подготвеност за директни разговори за најтешките прашања, вклучително и иднината на окупираните украински територии.

Рускиот претседател Владимир Путин би одговорил на телефонски повик од украинскиот претседател Володимир Зеленски доколку Киев одлучи да го побара, изјави денеска Јуриј Ушаков, советник на Путин за надворешна политика. „Мислам дека, секако, би се јавил. Путин никогаш не одбивал разговори“, изјави Ушаков во разговор со новинарот Павел Зарубин за руската државна телевизија „Вести“.

Ушаков повторно го повика Зеленски лично да дојде во Москва на преговори. Тој тврди дека украинскиот претседател преку различни посредници испраќа пораки дека е подготвен за директна средба со Путин.

Зеленски е подготвен да разговара и за територијалното прашање

Изјавата од Кремљ доаѓа откако украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха потврди дека Зеленски е подготвен лично да разговара со Путин за најтешките прашања поврзани со завршувањето на војната, вклучително и за иднината на окупираните украински територии.

„Ја сакаме таа средба и подготвени сме за неа“, изјави Сибиха во интервју за финскиот весник „Хелсингин саномат“.

Според него, токму средба меѓу Зеленски и Путин би можела да донесе нов квалитет во преговорите. Украинскиот претседател е подготвен да разговара и за најчувствителните прашања, вклучително и за териториите.

Сибиха смета дека преговарачките делегации можат да разговараат за безбедносни прашања, размена на заробеници и хуманитарни мерки, но дека за политичките одлуки поврзани со територијата е потребен директен разговор меѓу двајцата претседатели.

Украина не прифаќа окупираните територии да ѝ припаднат на Русија

Киев повеќепати истакна дека е подготвен да разгледа практични решенија за запирање на борбите, вклучително и замрзнување на постојните линии на фронтот. Но, Украина ја отфрла можноста за правно признавање на руската власт над окупираните територии. Територијалното прашање останува една од најголемите пречки за постигнување мировен договор. Русија бара територијални отстапки, додека Украина инсистира на зачувување на својот суверенитет и меѓународно признатите граници.

Сибиха изјави и дека неодамнешните разговори на Путин со финскиот претседател Александер Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Стере биле одржани на иницијатива што Киев ја координирал со своите партнери.

Според украинскиот министер, двајцата европски лидери му пренеле на Путин порака за потребата од прекин на огнот и предлог за лична средба со Зеленски.

Во ноември се подготвува нова рунда преговори меѓу Украина, САД и Русија

Украина, Соединетите Американски Држави и Русија подготвуваат нова рунда трилатерални преговори, која би требало да се одржи во првата половина на ноември. Зеленски вчера, по разговорот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул, потврди дека се разгледуваат неколку можни локации за средбата, меѓу кои и Турција.

„Во моментов се подготвуваме за трилатерален формат меѓу Украина, САД и Русија во првата половина на ноември“, изјави Зеленски.

Тој додаде дека со Ердоган разговарал и за можноста во дипломатскиот процес да се вклучат Турција, европските држави и други партнери.

Киев претходно го спомена и Абу Даби како можна локација за преговорите. Засега не се официјално потврдени ниту точниот датум ниту местото на одржување.

Можно е да се сретнат Путин, Трамп и Си Џинпинг

Паралелно се разгледува и можноста за средба меѓу Путин, американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), што треба да се одржи на 18 и 19 ноември во кинескиот град Шенжен.

Ушаков претходно потврди дека почнале организациските подготовки за можна средба, но конечен договор сè уште не е објавен. Според него, исходот од евентуалната средба во Кина би можел да влијае и врз одлуката на Путин дали ќе присуствува на самитот на Групата 20 (Г20), најавен за 14 и 15 декември во Мајами.


И покрај новите дипломатски иницијативи, директен телефонски разговор или средба меѓу Путин и Зеленски засега не се договорени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс