Финансискиот сектор во Србија е сигурен, ликвиден и добро капитализиран, соопшти денеска Здружението на банки на Србија. Оттаму посочуваат дека одлуката на Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на една банка е донесена со цел да се заштитат клиентите и да се зачува довербата во финансискиот систем.
Според Здружението, станува збор за поединечен случај што не влијае врз работењето на другите банки во земјата, кои продолжуваат да работат редовно, стабилно и без ограничувања.
„Високото ниво на капитал и ликвидни средства, заедно со развиената регулаторна рамка и континуираните супервизорски активности на Народната банка на Србија, претставуваат цврста основа за отпорноста на домашниот финансиски сектор и неговото непречено функционирање“, се наведува во соопштението.
Од Здружението објаснуваат дека одлуката за одземање на дозволата е донесена во рамките на законските надлежности на Народната банка, со цел заштита на клиентите и зачувување на стабилноста на финансискиот систем. Граѓаните, според нив, можат да бидат сигурни дека финансискиот систем продолжува да функционира непречено, со сите расположливи механизми за заштита.
„Согласно важечките прописи, средствата на клиентите се осигурени до износ од 50.000 евра во денарска противвредност преку системот за осигурување депозити“, соопштуваат од Здружението.
Дополнителни информации за правата на депонентите и начинот на остварување на заштитата се достапни преку официјалните канали на Народната банка на Србија и Агенцијата за осигурување депозити.
Управниот одбор на Здружението ги повика граѓаните и медиумите да ги следат информациите за случајот преку официјални и релевантни извори. Од таму најавуваат дека ќе продолжат да придонесуваат за транспарентно информирање на јавноста и размена на информации меѓу банките-членки.
Алта банка остана без дозвола за работа
Народната банка на Србија денеска соопшти дека на 30 октомври ѝ ја одзела дозволата за работа на Алта банка а.д. Белград, по спроведени контролни активности и изречена привремена мерка. Одлуката, како што наведува централната банка, е донесена за заштита на депонентите и другите доверители, како и за спречување на евентуално ширење негативни последици врз општеството и економијата.
Штедачите на Алта банка ќе бидат известени во најкус можен рок во која банка ќе можат да ги подигнат своите депозити до осигурениот износ од 50.000 евра. Ќе добијат и информации за начинот на пријавување на останатите побарувања и нивната исплата.
Агенцијата за осигурување депозити најави дека исплатата на осигурените депозити ќе започне најдоцна во рок од седум работни дена од донесувањето на решението на Стопанскиот суд во Белград за отворање стечајна постапка над банката.
