Иранскиот министер за одбрана Мехрдад Ахлаги предупреди дека Иран ќе одговори „пропорционално, одлучно и силно“ на секој напад врз својата територија.
„Оние што ни се закануваат нема да го одредуваат обемот, времето ниту последиците од иранскиот одбранбен одговор“, изјави тој.
Иранските официјални претставници во повеќе наврати предупредија дека евентуална нова војна со Соединетите Американски Држави би можела да трае подолго од претходниот судир и дека американскиот претседател Доналд Трамп нема да биде тој што ќе одлучува кога ќе заврши.
Откако САД и Израел на 28 февруари започнаа напад врз Иран, следуваа околу 40 дена интензивни воени дејства. Борбите постепено се смируваа во текот на април, по што повремено продолжија меѓусебните напади.
Расте загриженоста од нова ескалација на Блискиот Исток
Можноста за обновување на војната меѓу САД, Израел и Иран предизвикува сè поголема загриженост во регионот, по извештаите за подготовки за потенцијални нови воени удари врз Иран. Иако американскиот претседател Доналд Трамп сè уште нема донесено официјална одлука за започнување нова воена операција, според медиумските извештаи, американски претставници наводно предупредиле неколку земји од Блискиот Исток да се подготват за можна ескалација и иранска одмазда.
Емиратите се подготвуваат и за најлошото сценарио
Обединетите Арапски Емирати соопштија дека се подготвени и за најлошото сценарио доколку повторно се обнови војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга.
„Се надеваме дека ќе дојде до дипломатски пробив“, изјави Анвар Гаргаш, дипломатски советник на претседателот на Емиратите, на безбедносна конференција во Бахреин.
„Не е во интерес на регионот да поминува низ уште еден круг судири. Но, мислам дека, како што покажавме и претходно, подготвени сме и за најлошото сценарио“, рече тој, пренесува „Ал Џезира“.
Дипломатските пораки и предупредувањата од регионот доаѓаат во период на зголемена неизвесност, додека засега нема официјална потврда дека Вашингтон донел одлука за нов воен напад врз Иран.
