Француското обвинителство отвори истрага за обид за убиство откако припадник на Националната жандармерија беше запален со молотов коктел за време на викенд-протестите во Париз. Инцидентот се случи во екот на повеќенеделните улични демонстрации предводени главно од млади луѓе, кои бараат мерки против високите животни трошоци и распадот на јавните услуги.
Нападнатиот припадник на Националната жандармерија се здоби со изгореници на глуждот и повреди на раката откако врз полицискиот кордон беше фрлена запалива направа. Тој во изјава за весникот „Фигаро“ рече дека течноста уште не е идентификувана, но дека имала значително посилен ефект на горење од обичен молотов коктел.
Според неговите зборови, единицата ненадејно се соочила со група од неколку стотини агресивни поединци кои биле добро опремени и фрлале камени коцки. Во истиот судир се повредени уште четиринаесет полицајци. Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, изјави дека нападот врз кордонот претставува обид за убиство и соопшти дека полицијата интензивно трага по сторителите.
Уличните судири во Париз доаѓаат по недели масовни собири што од крајот на септември ги организираат претежно млади луѓе и студенти. Демонстрантите бараат конкретна помош од владата поради растечките животни трошоци и лошите услови во образовниот систем.
Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека само во саботата биле приведени над 770 лица низ земјата, што е двојно помалку во споредба со претходниот викенд. Сепак, никој сè уште не е уапсен конкретно за нападот со молотовиот коктел врз жандармот.
Паралелно со полициските извештаи, движењата што ги организираат протестите обвинуваат за брутална реакција на безбедносните сили. Тие наведуваат дека десетици граѓани се сериозно повредени од шок-бомби и солзавец во текот на изминатите недели.
Француските власти на почетокот на октомври привремено ја повлекоа од употреба едната верзија на шок-бомби откако 15-годишник остана без дланка. Весникот „Монд“ наведува дека полицијата на терен и понатаму користи друг модел на овие направи при разбивање на толпата.
