Десет минути насочен ултразвук ги ублажува симптомите на шизофренија

Неинвазивната метода нуди надеж за пациенти кај кои лековите не помагаат, покажува студијата објавена во списанието npj Acoustics.

Кратка, десетминутна терапија со насочени ултразвучни бранови овозможува ублажување на суманутите идеи кај лица со шизофренија и шизоафективно нарушување, покажува ново медицинско истражување на научници од институтот NYU Langone Health. Постапката е целосно неинвазивна, се спроведува без хируршки зафат и отвора сосема нова клиничка патека за пациентите кај кои стандардната антипсихотична терапија не дава соодветни резултати.

Истражувачкиот тим ја тестираше методата позната како транскаранијална ултразвучна стимулација врз десет пациенти чии симптоми на болеста продолжиле и покрај редовното земање пропишани лекови.

Постапката функционира преку испраќање благи, прецизно насочени звучни бранови низ черепот. Целта е директно да се модулира електричната и неврохемиската активност во специфични, длабоки зони на мозокот, без потреба од скалпел или физички импланти.

За да постигнат максимална прецизност, научниците користеле снимки од магнетна резонанца. Со нивна помош, ултразвучните бранови биле насочени точно кон структурата наречена globus pallidus internus, мозочен центар за кој невролозите сметаат дека игра улога во регулацијата на перцепцијата и мисловните процеси.

Самиот третман траел десет минути, при што звучните бранови се вклучувале и исклучувале на интервали од секои 30 секунди.

Тестирањето било изведено според строг двојно слеп протокол. Секој од десетте учесници примил и вистински и лажен (плацебо) третман со временско растојание од една седмица. Ниту пациентите ниту лекарите што ги оценувале нивните психолошки реакции не знаеле во кој термин се применува активната ултразвучна стимулација.

Лекарските тимови пред и по секоја сесија детално ги мереле суманутите идеи, халуцинациите, когнитивните функции, памтењето и можните несакани нуспојави. Резултатите објавени во научното списание npj Acoustics покажаа дека само една единствена сесија довела до мерливо намалување на суманутите мисли, а подобрувањето се задржало до седум дена по постапката.

Притоа, истражувачите не регистрирале значајни несакани ефекти или нарушување на памтењето кај испитаниците.


Авторите на студијата најавуваат поголеми клинички испитувања со почести третмани, со цел да утврдат дали терапијата може да обезбеди трајно олеснување на психозата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс