Колумбиската влада разгледува необичен план за претворање на морнарички брод во строго чуван затвор за водачите на најопасните криминални организации во земјата. Проектот, наречен „Стратегија за специјален поморски затвор со висока безбедност“, го подготвуваат министерствата за одбрана и правда, заедно со Националниот институт за затвори и казнено-поправни установи.
Идејата е криминалните босови да бидат целосно изолирани, со цел да им се оневозможи од затвор да продолжат да управуваат со своите организации и да организираат изнуди, закани и други криминални активности.
Планот сè уште е во фаза на подготовка, а бродот-затвор не е ставен во употреба. Колумбија, сепак, има искуство со изолирање на криминални босови на воени бродови. Во 2007 година, Карлос Марио Хименез Наранхо, познат како „Макако“, бил привремено затворен на фрегата во Карипското Море. Во ист период, наркобосот Диего Леон Монтоја Санчез, познат како „Дон Диего“, бил чуван на воен брод во Тихиот Океан.Целта и тогаш била да се спречи криминалните лидери да продолжат да ги контролираат своите организации додека се во притвор.
Паралелно со проектот за брод-затвор, колумбиските власти најавуваат и изградба на десет строго чувани мегазатвори за најопасните криминалци и терористи. Властите сметаат дека дел од затворите во земјата се претвориле во центри од кои се организираат изнуди, закани и убиства, поради што е најавено повторно воспоставување целосна контрола врз затворскиот систем.