Директорот на американската Централна разузнавачка агенција, Џон Ретклиф, престојувал во Москва каде што се сретнал со претставници на руските разузнавачки служби, потврди Кремљ, додека американскиот претседател Доналд Трамп порача дека од посетата „можеби ќе произлезе нешто“.
Посетата на Ретклиф се случила во вторникот и била ненадејно организирана. Таа е прва позната посета на шеф на ЦИА на Москва од 2021 година, кога тогашниот директор на агенцијата Вилијам Барнс отпатува во Русија.
Кремљ потврди дека Ретклиф разговарал со руски разузнавачки претставници, но соопшти дека тој не се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, сепак рече дека Путин бил информиран за посетата и разговорите.
Причината за средбата не е официјално соопштена. Песков оцени дека е прерано да се зборува за тоа дали контактите можат да придонесат за подобрување на односите меѓу Москва и Вашингтон.
Трамп, од своја страна, се обиде да ја намали мистеријата околу посетата, нарекувајќи ја „полурутинска“. Тој истовремено ги отфрли шпекулациите дека Ретклиф во Москва отпатувал поради можни руски закани или тестирање на подготвеноста на НАТО.
„Работиме многу напорно да ја завршиме таа војна“, порача Трамп, додавајќи дека „можеби ќе произлезе нешто“ од посетата.
Посетата се случува во период кога американските напори за постигнување напредок кон прекин на војната во Украина се соочуваат со сериозни пречки. Во исто време, односите меѓу Вашингтон и Москва остануваат оптоварени со војната, санкциите и пошироките геополитички тензии.
Американските и руските разузнавачки служби, сепак, во изминатиот период одржувале одредени канали на комуникација. Токму ваквите разузнавачки контакти можат да овозможат разговори и во моменти кога официјалните дипломатски односи се особено затегнати.
Точната агенда на разговорите на Ретклиф во Москва засега не е откриена, а од Кремљ велат дека е прерано да се проценува каков ефект ќе има посетата врз американско руските односи.