Њујорк стана прва американска држава која забрани изградба на нови дата центри

Гувернерката на Њујорк, Кети Хокул, потпиша во вторникот извршна наредба со која се забранува изградба на нови големи ВИ дата-центри кои користат 50 мегавати или повеќе енергија. Забраната ќе важи до една година, со што Њујорк стана прва американска држава која воведува ваков вид мораториум.

„Се наоѓаме среде една од најзначајните економски пресвртници во генерации, можеби и воопшто во историјата”, изјави гувернерката при најавата на наредбата. „Овие хиперскалирачки ВИ дата-центри трошат огромни количини енергија, реално заканувајќи се да ги надминат капацитетите на нашата електрична мрежа. Тие ги кревaат трошоците за локалните потрошувачи, а јас одбивам да дозволам тие трошоци да паднат на плеќите на жителите на Њујорк.“

Анкета на Siena Research Institute од јуни покажа дека 46 отсто од испитаниците сметаат дека едногодишен мораториум за нови дозволи за големи дата-центри би бил добар за државата, наспроти само 21 отсто кои сметаат дека би бил лош. Прашањето се покажа како прилично двопартиско, при што демократите ја поддржуваат идејата со маргина од 37 процентни поени, а републиканците со 13.

За време на мораториумот, државата ќе изработи стандарди насочени кон заштита на потрошувачите на струја, животната средина, електричната мрежа и локалните заедници.

„Њујорк ќе бара дата-центрите или сами да произведуваат своја енергија, или да плаќаат премија за да се приклучат на нашата мрежа”, изјави Хокул. Извршната наредба дополнително ја задолжува државната Развојна агенција да изработи Рамка за инвестиции во заедницата во рок од 60 дена, која ќе им помогне на локалните власти да преговараат за придобивки поврзани со проектите за дата-центри, вклучувајќи инфраструктурни подобрувања, инвестиции во грижа за деца и директна финансиска поддршка.

Потегот доаѓа во услови кога најмалку дузина други американски држави разгледувале слични мораториуми, но досега без поголем успех. Гувернерката на Мејн, Џенет Милс, на почетокот на годината стави вето на слична мерка, а гувернерката на Вирџинија, Абигејл Спанбергер, исто така изрази резерви кон ваков пристап.

Технолошките компании и нивните поддржувачи тврдат дека блокирањето на изградбата на дата-центри го штети растот на работни места во локалните заедници и ѝ отстапува предност на Кина во трката за лидерство во индустријата на вештачката интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс