Нискиот крвен притисок не е секогаш безопасен: кога вртоглавицата може да укажува на посериозен проблем?

Стручњаците предупредуваат дека дехидратацијата е една од најчестите причини за пад на крвниот притисок.

Нискиот крвен притисок, познат како хипотензија, често се смета за помалку опасен од високиот, но кај многу луѓе може значително да влијае на секојдневното функционирање и квалитетот на животот. Иако кај некои лица е природна состојба на организмот, кај други може да предизвика симптоми како вртоглавица, малаксаност, заматен вид и чувство на слабост – особено при нагло станување од кревет или стол.

Во тие моменти доаѓа до краткотраен пад на протокот на крв кон мозокот, што може да доведе до чувство на нестабилност или дури и несвестица. Овие симптоми се почести во топли периоди од годината, кога телото губи повеќе течности и минерали преку потење.

Стручњаците предупредуваат дека дехидратацијата е една од најчестите причини за пад на крвниот притисок. Недоволниот внес на вода, зголемено потење или физичка исцрпеност може да го намалат волуменот на крвта, што директно влијае на вредностите на притисокот. Покрај тоа, хипотензијата може да биде поврзана и со одредени лекови, хормонални нарушувања, анемија или срцеви заболувања, поради што е важно симптомите да не се игнорираат. Ако вртоглавиците се чести или се појавуваат несвестици, се препорачува лекарски преглед и дополнителни испитувања.

Добра вест е што во многу случаи симптомите можат да се ублажат со промена на животните навики – редовни оброци, доволно течности, умерена физичка активност и избегнување нагли промени на положбата на телото. Иако често се занемарува, нискиот крвен притисок може да биде сигнал од организмот кој не треба да се игнорира.

е-Трн да боцка во твојот инбокс