Никола Гелевски е добитник на наградата „Македонско стрип наследство“

Авторот, уредник, издавач и културен деец ја добива наградата на „Стрип Трип“ 2026 за неговиот долгогодишен придонес во развојот, видливоста и афирмацијата на современиот македонски стрип.

Никола Гелевски е добитник на наградата „Македонско стрип наследство“ на годинешното издание на „Стрип Трип“. Наградата му се доделува за неговиот значаен придонес во развојот на современиот македонски стрип, како автор, уредник, издавач и еден од најупорните отворачи на простор за независна и алтернативна култура кај нас.

Од 1990 година, Гелевски е директор и главен уредник на книгоиздателството „Темплум“, една од клучните независни издавачки куќи во Македонија. Преку „Темплум“ се објавени околу 700 изданија во повеќе едиции, а значаен дел од таа издавачка приказна е поврзан со експериментални, маргинални и авторски форми на изразување, меѓу кои важно место има и стрипот.

Под псевдонимот Пандалф Вулкански, Гелевски беше уредник на списанието за стрип „Лифт“, кое излегуваше од 1995 до 2000 година и објави 12 броеви. „Лифт“ останува едно од најважните места за афирмација на македонскиот алтернативен и авторски стрип од тој период, простор во кој стрипот не беше третиран како споредна уметност, туку како жив, современ и критички јазик.

Од таа уредничка линија произлезе и групната изложба „Стрип во лифт – македонскиот стрип во движење“, во која учествуваа дваесетина македонски стрип-автори, а беше претставена во Струмица, Гевгелија, Прилеп, Битола и Скопје во периодот 2000–2001 година.

Од 2017 година, Гелевски ја уредува едицијата графички новели „Лифт“, преку која се објавуваат преводи на значајни наслови од светскиот стрип. Една година подоцна ја основа и годишната награда за стрип „Лифт“, која до 2024 година ги поттикнуваше младите автори од домашната сцена.

Неговиот авторски ангажман е обележан и со „Лабрис“, обемен стрип-проект од околу 900 страници, создаван заедно со Александар Станковски во периодот од 1990 до 1996 година. Околу 400 страници од проектот се објавени во списанијата „Лифт“ и „Макстрип“. Гелевски е и коавтор на илустрираната приказна „Призрак против Сенка“, создадена со Игор Тошевски и објавувана во 22 продолженија во „Наш свет“ во раните 1990-ти.

Неговите подоцнежни дела често се движат на пресекот меѓу литературата и стрипот, како книгите за деца „Текстилна поема“, „Панда во дрон“ и „Птичји весник“. Токму затоа наградата „Македонско стрип наследство“ не е само признание за еден автор, туку и за една долга културна линија што го држи стрипот надвор од фиока и внатре во живата сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс