Никифор за Трн.мк ја открива приказната зад ремиксот на „Милион долари“ – премиера во петок во Intermezzo

Безвременската „Милион долари“ од Архангел добива нов живот во хаус ритам, а Никифор за Трн.мк открива како идејата родена во Њујорк во 2013 година конечно стигна до премиера во Скопје.

Овој петок, во Intermezzo Music Bar на невообичаен начин ќе се сретнат безвременската македонска рок класика и современиот електронски звук. Никифор го промовира својот ремикс на култната „Милион долари“ од Архангел, издание што ни носи ново уживање на еден од најзначајните домашни музички класици.

Никифор за Трн.мк открива дека идејата за ремиксот има долга историја: „Идејата се роди уште во 2013 година, додека студирав музичка продукција во Њујорк. Уште тогаш ја имав желбата ‘Милион долари’ да добие нов живот во хаус ритам, но во тоа време технологијата едноставно не дозволуваше квалитетна реализација на таква идеја.“

Обидите да се реализира проектот продолжиле и подоцна, но вистинскиот момент дошол дури неодамна. „Се обидов повторно во 2018 година во Атина, но поради квалитетот и староста на оригиналната снимка не успеавме да ги издвоиме вокалите на начин што ќе го задоволи стандардот што го баравме“, вели тој.

Пресвртот се случил сосема спонтано: „Пред неколку месеци, сосема случајно, во разговор со менаџерката на Архангел, Цвета Спасова, ја спомнав оваа моја долгогодишна неостварена желба. Неколку дена подоцна добив зелено светло од Ристо Вртев.“

По неколку студиски средби, работите конечно си дошле на свое место. Ристо ги снимил вокалите и гитарата речиси во еден здив, а потоа започнал долг процес на продукција, експериментирање и барање на вистинскиот звук.

Крајниот резултат, како што вели Никифор, е повеќе од ремикс, тоа е заедничка приказна: „Верзијата што ќе ја слушнете е резултат на таа заедничка приказна. Спој на една безвременска македонска песна и современ хаус звук. Веќе ја тестиравме пред публика и реакциите беа одлични, а сега со нетрпение очекуваме да ја споделиме и со сите вас.“

На промоцијата ќе присуствува и фронтменот на Архангел, Ристо Вртев, со што настанот добива дополнителна тежина и симболика.

„Јас и Ристо ве очекуваме овој петок во Intermezzo Music Bar“, порачува Никифор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс