Словенија беше погодена од силно невреме со поројни дождови, грмотевици, силен ветер и град, кој на некои места бил со големина на орев. Најпогодени биле источните делови од земјата, особено Штаерска и подрачјето околу Марибор.
Според словенечките медиуми, ветерот откорнувал покриви, уривал дрвја и електрични столбови, а пожарникарските екипи имале повеќе интервенции на терен. Штети биле пријавени и на објекти, меѓу кои и на зградата на Универзитетскиот медицински центар во Марибор.
Словенечката агенција за животна средина, ARSO, претходно го подигна нивото на предупредување од жолто на портокалово поради опасност од посилни грмотевични процеси, налети на ветер, поројни дождови и град.
Невремето прво го зафати северниот и источниот дел од земјата, а потоа се движеше кон централните и југоисточните делови. Дожд имаше и во Љубљана, а на аеродромот во близина на главниот град биле измерени силни налети на ветер.
Словенечките служби предупредија дека и по поминувањето на главниот бран, на одредени места може да има засилени налети на ветер и локални поројни врнежи. Засега, според најавите, не се очекуваат поголеми поплави, но водостоите може да пораснат во делови каде дождот ќе се задржи подолго.
Невремето не ја заобиколи ниту Хрватска. Во Загреб вечерта имало силни грмотевици, дожд и ветер, а хрватските метеоролози издадоа жолто предупредување за поголем дел од внатрешноста на земјата.