Невреме стигна во Македонија, зафатени се западните делови

Според Управата за хидрометеоролошки работи, нестабилност има во планинските предели во западниот дел од земјата

Пороен дожд проследен со ветер и грмотевици пред малку ги зафати деловите околу Македонски Брод и Кичево.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, нестабилност има во планинските предели во западниот дел од земјата, а радарски снимки, покажуваат развој на облачност северозападно од Македонски Брод.

„Според радарската слика нестабилност имаме во планинските региони во западните делови. Северозападно од Македонски Брод има развој на нестабилна облачност со правец на движење северозапад-југоисток од која има пороен дожд“, информираат од УХМР.

Нестабилно време е регистрирано и во Кичевско, каде што има појава на пороен дожд и грмежи источно од Кичево.

Правецот на движење на облачноста, според радарските податоци, е од северозапад кон југоисток. Тоа значи дека во следните часови нестабилноста може да се поместува кон други делови од западниот и централниот дел на земјата, зависно од развојот на облачните системи.

УХМР претходно најави дека денеска времето ќе биде сончево и топло, но во попладневните часови на повеќе места ќе има услови за нестабилна облачност, пороен дожд, грмежи, засилен ветер, а локално не се исклучува и појава на град.

е-Трн да боцка во твојот инбокс