Невреме се заканува попладне: Дожд, грмежи и можен град во делови од Македонија

Времето денес ќе биде топло со температури до 34 степени, но попладне се очекуваат локални врнежи, грмежи и засилен ветер. УХМР предупредува на поинтензивна нестабилност во среда.

Со сончевото и топло утро, попладневните часови денеска би можеле да донесат промена на времето во повеќе делови од Македонија. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе има услови за локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Утринските температури се движат од 9 до 18 степени, додека дневните ќе достигнат од 23 до 34 степени Целзиусови.

Во Скопје се очекува слична временска слика – топло време со сончеви периоди, но и можност за локална нестабилност во попладневните часови во одделни делови од котлината. Максималната температура во главниот град ќе достигне околу 32 степени. Метеоролозите предупредуваат дека среда ќе биде уште понестабилна. На повеќе места низ државата се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално процесите може да бидат поинтензивни, со обилни врнежи и услови за ретка појава на град.

Од четврток следува постепена стабилизација на времето. Се очекува претежно сончево време со умерена облачност во текот на денот и слаб до умерен ветер од северен правец. Граѓаните се советуваат да бидат внимателни при планирање активности на отворено во текот на денешното и утрешното попладне, кога ризикот од локално невреме ќе биде најизразен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс