Македонски Телеком, преку Фондацијата Телеком за Македонија, е добитник на националната награда за одржлив развој за иницијативата „Нет без хејт“, младинско движење насочено кон создавање побезбеден, похуман и поинклузивен дигитален простор.
Иницијативата има за цел да ја зголеми свеста за сајбер-насилството, говорот на омраза и ризиците со кои младите се соочуваат на интернет, но и да ги вклучи токму младите како активни носители на промени во дигиталната средина.
Признание за партнерства што носат промени
Наградата ја доделуваат Конект и Министерството за економија и труд, како национално признание за најдобрите практики и иновации што придонесуваат кон одржлив развој, општествена одговорност и меѓусекторска соработка.
Во категоријата партнерства за одржлив развој, признанието ги истакнува компаниите и организациите кои преку соработка со институции, граѓански организации и други чинители создаваат долгорочни позитивни промени во заедницата.
„Нет без хејт“ е дел од партнерството меѓу Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФ, кое ги поставува младите во центарот на процесот и ги охрабрува да придонесуваат за побезбедна дигитална иднина.
Младите како двигатели на дигитална култура без омраза
Од Фондацијата Телеком за Македонија велат дека наградата е признание за моќта на партнерствата, но пред сѐ за младите кои се дел од иницијативата.
„Оваа награда е признание за моќта на партнерствата но, пред сѐ, ова е награда за младите кои се дел од „Нет без хејт“ и кои со својата енергија, креативност и посветеност покажуваат дека можат да бидат двигатели на позитивни промени. Горди сме што заедно со УНИЦЕФ градиме иницијатива што создава трајни и одржливи промени во заедницата“, изјави Горан Марковиќ, претседател на Фондацијата Телеком за Македонија.
Во 2026 година иницијативата се шири во најмалку 20 училишта
Следната фаза на проектот во 2026 година ќе биде насочена кон пилотирање и проширување на младинските иницијативи во најмалку 20 училишта и локални заедници низ државата.
Планирано е да продолжи и развојот на кампањи и содржини создадени од млади за млади, како и соработката со релевантни институции за унапредување на дигиталната безбедност и благосостојбата на децата и младите.
Со ова признание, Македонски Телеком ја потврдува својата заложба за создавање позитивни општествени промени преку иницијативи што ја поврзуваат технологијата со безбедноста, младинското учество и одржливиот развој.