Ќе поскапат ли кредитите? НБРМ ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени

Зголемувањето на основната каматна е инструмент за зауздување на инфлацијата, но за стопанството и граѓаните, тоа значи и поскапи кредити

 

На седницата на Извршниот одбор на Народната банка беше одлучено основната каматна стапка да се зголеми за 0,25 процентни поени, односно од 4% на 4,25%, информираат од НБРМ.

Од НБРМ додаваат дека олуката се заснована најновите податоци и информации и согледувањата за ефектите врз домашната економија од светските случувања.

„Од почетокот на мај се бележи стабилизација на побарувачката на девизи, а најновите информации носат поголема извесност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток. Сепак, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста околу темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици. Опстојуваат и притисоците врз инфлацијата. Имено, во мај годишната стапка на инфлација забави во согласност со очекувањата, но таа и натаму е на повисоко ниво и укажува на продолжена инфлација и побавно враќање кон историскиот просек. Истовремено, и дел од домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката и инфлацијата уште повеќе ја нагласуваат потребата од претпазливост при водењето на монетарната политика. Во такви услови, беше оценето дека умереното затегнување на монетарната политика, заедно со досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки, ќе придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс, за стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата. Како резултат на засилените инфлациски притисоци во еврозоната, на последниот состанок на ЕЦБ каматните стапки беа зголемени за 0,25 п.п., што претставува дополнителен фактор што се зема предвид при носењето на домашните монетарни одлуки“ велат од НБРМ.

Зголемувањето на основната каматна стапка се користи како инструмент за зауздување на инфлацијата, но за стопанството и граѓаните, тоа значи и поскапи кредити.

Основната каматна стапка е всушност цената по која комерцијалните банки позајмуваат пари од Централната банка. Кога Централната банка ја зголемува оваа стапка со цел да ја заузда инфлацијата, парите на пазарот стануваат поскапи.

За да го компензираат овој зголемен трошок и да ја задржат својата профитабилност, комерцијалните банки го префрлаат товарот врз крајните корисници. Тоа значи дека растат каматните стапки како за новите, така и за дел од веќе одобрените кредити.

Кој е најмногу погоден?

Ефектот од зголемувањето на каматите не ги погодува сите должници еднакво:

  • Граѓаните со варијабилни (променливи) каматни стапки: Оваа категорија е прва на удар. Бидејќи нивните договори се директно врзани за референтните пазарни стапки, секое нивно поместување нагоре автоматски значи и повисока месечна рата за исплата.
  • Новите кредитобаратели: Оние кои допрва планираат да земат станбен, потрошувачки или деловен кредит, ќе се соочат со значително понеповолни услови и повисоки фиксни или почетни каматни стапки во споредба со изминатиот период.

Единствените кои се заштитени во ваква ситуација се граѓаните кои веќе имаат активни кредити со фиксна каматна стапка, чии рати остануваат непроменети во периодот гарантиран со договорот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс