Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар денеска соопшти дека нема да му додели мандат за состав на влада на ниту еден кандидат, откако консултациите со политичките партии покажале дека никој нема поддршка од мнозинството пратеници.
Таа порача дека не сака да даде мандат ниту за состав на малцинска влада и дека целата постапка за избор на мандатар ќе ја преземе словенечкиот парламент, односно Државниот збор.
Иако пред неколку дена најави дека ќе продолжи со консултации по првиот круг, кој не покажал јасна парламентарна поддршка за ниту еден кандидат, Пирц Мусар денеска објави дека ги завршува разговорите.
„Објавувам дека ги завршувам консултациите за кандидат за следен премиер. По консултациите утврдив дека никој не добил поддршка од мнозинството пратеници во Народното собрание. Затоа денеска го известив претседателот на Народното собрание дека не предлагам кандидат за премиер“, изјави Пирц Мусар.
Таа ја образложи одлуката со недостиг на меѓусебна почит и доверба за време на консултациите со парламентарните партии, оценувајќи дека тоа е лош сигнал за нејзината можна соработка со идната влада.
Пирц Мусар оцени дека на словенечката политичка сцена „почитта, чесноста и добрата волја премногу често им отстапиле место на политички калкулации и краткорочни интереси“. Таа додаде дека за време на изборната кампања се слушало едно, а по изборите нешто сосема друго.
Поради тоа, како што рече, не сака да биде дел од таква политика и го повика парламентот да ја преземе одговорноста за избор на премиер.
Во словенечкиот парламент, кандидат за мандатар може да предложи пратеничка група или најмалку десет пратеници. За состав на влада е потребно мнозинство од 46 гласа во парламентот.
Пирц Мусар и претходно најави дека нема да додели мандат без доказ дека кандидатот има поддршка од парламентарното мнозинство.
Техничкиот премиер Роберт Голоб, лидер на Движењето Слобода, кое е релативен победник на изборите, соопшти дека не може да обезбеди доволна поддршка за формирање влада.
Од друга страна, лидерот на Словенечката демократска партија, Јанез Јанша, и натаму ја држи отворена можноста да формира влада.
Движењето Слобода освои 29 пратеници, еден повеќе од партијата на Јанша. Тој во петокот најави дека ќе понуди коалициски договор на оние во парламентот што ќе го поддржат предлогот за измени на законот за влада, со кој се предвидува укинување и спојување министерства.
Тоа се очекува следната недела. Јанша додаде дека неговата партија нема да формира влада по секоја цена.
Со поддршка од предизборната коалиција предводена од Нова Словенија, како и од Демократи и Ресни.ца, Јанша би можел да обезбеди повеќе од 46 пратеници, колку што се потребни за мнозинство во словенечкиот парламент, кој има 90 места.