Финансиските пазари позитивно реагираа на најавата за постигнат договор меѓу САД и Иран, кој треба да стави крај на конфликтот меѓу двете земји. Веста за повторното отворање на Ормускиот теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта, предизвика раст на берзанските индекси и значителен пад на цените на енергенсите.
На отворањето на американските берзи, индексот Dow Jones порасна за повеќе од 630 поени или 1,2 проценти, S&P 500 забележа раст од 1,6 проценти, додека технолошкиот Nasdaq скокна за 2,4 проценти. Оптимизмот дополнително беше поттикнат од објавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека е постигнат договор со Иран, додека пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф најави дека меморандумот за разбирање би можел да биде потпишан во Швајцарија веќе во петок.
Една од најзначајните последици од договорот е повторното отворање на Ормускиот теснец, низ кој минува значителен дел од светскиот извоз на нафта. По објавата, цената на американската сурова нафта падна за околу пет проценти и се спушти на околу 80 долари за барел. Според аналитичарите, поевтинувањето на нафтата може да придонесе за намалување на инфлаторните притисоци во светската економија. Брајан Малбери од „Закс инвестмент менаџмент“ оценува дека пониските цени на енергенсите ја намалуваат потребата од дополнително зголемување на каматните стапки.
Пазарите засега очекуваат стабилна монетарна политика во САД. Според проценките на инвеститорите, веројатноста американските каматни стапки да останат непроменети во наредниот период надминува 98 проценти. Развојот на настаните на Блискиот Исток внимателно го следат и европските пазари, бидејќи стабилното снабдување со енергенси и пониските цени на нафтата би можеле да имаат позитивно влијание врз економскиот раст и врз трошоците за живот во повеќе земји.