НАСА бара нови астронаути за мисиите на Месечината

Пријавувањето е отворено до 3 декември. Новата генерација астронаути ќе се обучува за живот и работа надвор од Земјата.

НАСА отвори конкурс за нова генерација астронаути за програмата „Артемис“, преку која планира да ги врати луѓето на Месечината и постепено да изгради база на нејзината површина, пишува хрватскиот портал „Мрежа“.

Може да се пријават американски државјани со високо образование и професионално искуство. НАСА очекува да го заврши изборот до крајот на 2027 година, а избраните кандидати би почнале со обука на почетокот на 2028 година. На претходниот конкурс се пријавиле повеќе од 8.000 кандидати, од кои биле избрани само десет.

Идните астронаути ќе се обучуваат и за работа на површината на Месечината. Задолжителната обука трае две години, а до првиот лет може да поминат уште неколку. НАСА, пак, планира да се обиде да спушти екипаж на Месечината во 2028 година, повеќе од половина век по последното слетување со луѓе.


Лунарната база ќе се гради во етапи. Планот предвидува на Месечината постепено да се испраќаат роботи, ровери и енергетски системи што ќе овозможат подолг престој и работа на површината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс