Осомничениот за нападот во Берлин се обидел да се приклучи на ИД

Полицијата потврди дека осомничениот претходно бил во програма за дерадикализација. Тројца од повредените се наоѓаат во животна опасност.
Фото: EPA/FADI YOUSEF

Осомничениот за синоќешниот напад во Берлин, идентификуван како Абдул Б., претходно неуспешно се обидел да ѝ се приклучи на терористичката група Исламска држава. Според полициски извори, тој неодамна излегол од притвор и добил налог за учество во програма за дерадикализација. Полицијата врши претрес во неговиот стан и трага по можни соучесници, додека болниците и пожарникарите ги санираат последиците од инцидентот.

Германските медиуми пренесуваат полициски извори кои потврдуваат дека Абдул Б. во 2025 година отпатувал во Либан. Тој бил уапсен веднаш по враќањето во германската престолнина. Во истражен затвор поминал неколку месеци, сѐ до мај годинава. Властите потоа му наложиле задолжително учество во програма за дерадикализација.

Сѐ уште не е потврдено дали напаѓачот дејствувал сам. Весникот „Билд“ објави дека возилото кое влета во толпата е бело комбе за достава „Цитроен спејстурер“, кое осомничениот сам го изнајмил. Истиот извор наведува дека полицијата трага по уште еден можен соучесник.

Во текот на денот, полициски екипи беа распоредени пред станот на осомничениот на улицата Бисингцајле, на околу еден километар од местото на инцидентот. Истовремено, инспектори внимателно го пребаруваат шумскиот дел на паркот Тиргартен во потрага по докази.

Портпаролот на берлинските пожарникари Доминик Прец изјави дека од вкупно 16 повредени, три лица се здобиле со повреди опасни по живот. Осуммина се тешко повредени, а петмина поминале со лесни повреди. Дополнителни 30 лица добиле лекарска помош поради претрпен шок на самото место.

Берлинската болница „Шарите“ соопшти дека примила осуммина пациенти од инцидентот, од кои четворица веќе се пуштени на домашно лекување. Останатите се наоѓаат на интензивна нега, но не се во критична состојба.

Настанот предизвика остри реакции низ Европа. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека секоја личност треба да живее и сака без страв, нагласувајќи ги слободата и еднаквоста како темелни вредности на Унијата. Холандскиот премиер Роб Јетен го нарече инцидентот директен напад врз слободното и толерантно општество.

Повереникот на берлинската влада за квир заедницата Алфонсо Пантисано упати порака на солидарност до граѓаните, додавајќи дека денот наменет за радост станал ден кој никогаш нема да се заборави. За попладнево е закажано бдеење во чест на жртвите пред Бранденбуршката порта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс