Напад со дрон предизвика пожар кај нуклеарка во ОАЕ

Дронот погодил генератор надвор од внатрешниот периметар на централата, а МААЕ повика на максимална воздржаност во близина на нуклеарни објекти.
Foto: Profimedia

Напад со дрон предизвика пожар кај нуклеарната централа „Барака“ во регионот Ал Дафра во Обединетите Арапски Емирати, соопштија властите во Абу Даби. Според официјалните информации, дронот погодил електричен генератор надвор од внатрешниот периметар на централата, а нема повредени лица и нема влијание врз нивото на радијациска безбедност.

Министерството за одбрана на ОАЕ соопшти дека во земјата влегле три дрона од правец на западната граница, од кои два биле уништени, додека еден го предизвикал пожарот. Властите не наведоа кој стои зад нападот, но најавија истрага и порачаа дека земјата го задржува правото да одговори на, како што го нарекоа, „терористички напад“.

Меѓународната агенција за атомска енергија повика на „максимална воена воздржаност“ во близина на нуклеарни постројки. Според извештаите, третата единица на централата се напојува преку итни дизел-генератори, кои служат како резервен систем при прекин или нарушување на електричната мрежа.

„Барака“ е единствената нуклеарна централа во ОАЕ и еден од најважните енергетски објекти во земјата. Централата обезбедува околу една четвртина од електричната енергија на Емиратите, а нејзините четири реактори почнаа со комерцијална работа во 2024 година.

Нападот доаѓа во момент на засилени регионални тензии околу Иран, САД и Израел, додека дипломатските обиди за смирување на конфликтот и стабилизирање на пловните рути во Персискиот Залив се во застој. Засега нема потврда за одговорност, но инцидентот повторно го отвори прашањето за безбедноста на критичната енергетска и нуклеарна инфраструктура во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс