За време на летните горештини повеќето луѓе бараат начини да се разладат, но освен клима-уредите и вентилаторите, важна улога има и исхраната. Според експертите, здравјето на цревата влијае врз тоа како организмот се справува со топлинскиот стрес, а правилниот избор на намирници може да придонесе за подобра хидратација и полесно функционирање на телото.
Епидемиологот Тим Спектор објаснува дека при високи температури телото е изложено на дополнителен напор, па внесот на течности станува уште поважен за варењето, циркулацијата и регулирањето на телесната температура. Недоволната хидратација може да го забави варењето и да предизвика чувство на надуеност, непријатност и замор.
Тој препорачува во исхраната почесто да се вклучуваат намирници богати со вода, како што се лубеница, краставици, домати, агруми, бобесто овошје и зелена салата. Овие продукти не само што придонесуваат за хидратација, туку обезбедуваат и влакна, минерали и корисни растителни соединенија кои го поддржуваат здравјето на цревната микрофлора. Корисни се и ферментираните млечни производи, како јогуртот и кефирот.
Наместо тешки и масни оброци, за време на топлотните бранови се препорачуваат полесни јадења со повеќе зеленчук, мешунки, интегрални житарки и маслиново масло. Ваквиот начин на исхрана го намалува чувството на тежина и му помага на организмот полесно да ја поднесе жештината.
Сличен став има и гастроинтестиналниот хирург Антониос Атанасиу, кој советува редовно да се консумира овошје и зеленчук со висок процент на вода, а да се избегнуваат обилни и мрсни оброци. Според него, јогуртот со природни пробиотици е добар избор за одржување на здравјето на дигестивниот систем, особено во летниот период.