Да бидеме искрени, кога последен пат ги проверивте роковите на сенфот, кечапот или лутиот сос во вратата на фрижидерот? За разлика од расипано млеко или омекнато овошје, сосовите и преливите често остануваат незабележани со месеци. Иако ладилникот им го продолжува рокот, тоа не значи дека можат да стојат неограничено долго.
Отворените џемови и мармалади имаат подолг рок, но најдобро е да се потрошат во рок од шест месеци. Често се расипуваат поради внесување трошки или нечистотија, што доведува до развој на мувла. Сенфот, пак, може да трае до една година во фрижидер, но неговиот квалитет постепено опаѓа, особено ако често се остава на собна температура.
Кечапот важи за „издржлив“, но по околу шест месеци во фрижидер почнува да го губи вкусот и текстурата. Преливите за салата имаат уште пократок век – кремастите варијанти се користат најмногу до два месеци, додека оние со оцет можат да траат нешто подолго.
Лутите сосови зависат од составот – оние со оцет траат подолго, додека овошните се расипуваат побрзо. Секогаш проверете промена на боја или појава на мувла пред употреба. Слично важи и за готовите миксови за коктели, кои треба да се искористат во рок од една до две недели по отворањето.
Киселите краставички и маслинките имаат подолг рок, но само ако се правилно складирани и без контаминација. Домашните кисели производи траат пократко, додека индустриските можат да издржат и до една година. Маслинките купени на мерка, пак, треба да се изедат за неколку дена.
Мајонезот, како производ со јајца, има релативно краток рок по отворање и најдобро е да се потроши во рок од два месеци. Доколку забележите промена во мирисот, бојата или текстурата, без двоумење фрлете го.
Редовната проверка на содржината во фрижидерот не само што ќе ве заштити од потенцијално расипана храна, туку и ќе ви помогне да одржувате подобра хигиена и ред во кујната.