Продолжено намаленото ДДВ за дизелот до 12 октомври

Мерката со која стапката останува 10 наместо 18 отсто требаше да заврши денеска, додека регулаторот се подготвува за нов пресек на цените.

Владата ја продолжи мерката со која данокот на додадена вредност за дизел-горивото се намалува од 18 на 10 отсто до 12 октомври, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Оваа одлука, воведена на 15 септември за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и економијата, требаше да истече денеска.

Министерката за финансии посочи дека со интервенцијата директно се влијае врз малопродажните цени на нафтените деривати и се спречува прелевање на надворешните ценовни шокови врз останатите производи и услуги. Таа наведе дека институциите ги следат движењата на меѓународните берзи и реагираат со цел да го заштитат стандардот на граѓаните.

Регулаторната комисија за енергетика во текот на денов треба да ги соопшти новите максимални цени што ќе важат во следните седум дена.

Според последната одлука на регулаторот, еден литар дизел се продава по цена од 104,5 денари. Еуросупер БС-95 чини 99 денари за литар, додека еуросупер БС-98 изнесува 101 денар за литар.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска претходно изјави дека државата ќе преземе дополнителни чекори доколку продолжи растот на цените на горивата.

Како причина за високите износи таа ги посочи геополитичките конфликти и движењата на глобалниот пазар. Според Божиновска, во моментов не се водат преговори за дополнителен попуст со рафинеријата „Окта“, но таа опција не е исклучена доколку пазарните притисоци продолжат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс