Најголемата светска криптоберза Binance се соочува со можност да ја изгуби дозволата за работа во Европската унија, откако, според извори на Reuters, нејзиното барање за лиценца би можело да биде одбиено од грчкиот регулатор.
Случајот е поврзан со новите правила на Европската унија за криптоиндустријата познати како MiCA, според кои сите криптокомпании мора да добијат официјална лиценца до крајот на јуни за да продолжат со работа во рамки на блокот. Лиценцата, доколку биде одобрена во една земја-членка, овозможува пристап до целиот пазар на ЕУ.
Binance поднел барање за лиценца во Грција, која била избрана како негово регулаторно седиште во Европа. Сепак, според два извори запознаени со процесот, грчкиот регулатор најверојатно ќе го одбие барањето, што би значело губење на правото за работа во сите 27 земји од Унијата. Европската унија во последните години значително ги заострува правилата за криптоберзите, со цел да се зголеми надзорот врз индустријата и да се заштитат инвеститорите. Регулаторите предупредуваат дека криптосекторот, кој вреди повеќе трилиони долари, без јасна контрола може да претставува ризик за финансиската стабилност.
Од Binance изјавиле за Reuters дека компанијата работи на тоа процесот да се спроведе уредно и со минимални нарушувања за корисниците. Тие наведуваат дека веќе 18 месеци соработуваат со регулаторите и сметаат дека ги исполнуваат условите за MiCA лиценца. Доколку одлуката за одбивање биде потврдена, Binance од почетокот на јули би можел да остане без можност за работа во Европската унија, што би имало значително влијание врз милиони корисници и би отворило нова неизвесност во криптосекторот во Европа.