Летото носи изобилство од свежи производи во нашите кујни, но толкавиот избор понекогаш може да нè преплави, особено кога не сме сигурни како правилно да ги чуваме намирниците. Тиквичките често се извор на фрустрација во сезонскиот период, секогаш некако успеваат да се натрупаат во кујната, без разлика дали сме претерале со купување на пазар или сме добиле премногу од нечија бавча.
За долгорочно чување, тиквичките секогаш можете да ги замрзнете. Но, ако ви требаат само неколку дена плус за да ги искористите додека се свежи, дефинитивно треба да ги чувате во фрижидер. Во продолжение објаснуваме зошто, како и начинот на кој можете да препознаете дали тиквичките се расипале.
Зошто тиквичките треба да се чуваат во фрижидер?
Целите, неисечени тиквички ќе траат многу подолго ако ги чувате во фрижидер отколку на собна температура. Најдобро е да ги ставите во фиоката за зеленчук (crisper drawer), каде што нивото на влажност е пониско, што помага да се спречи задржувањето на влагата. Ова е исклучително важно бидејќи вишокот влага го забрзува расипувањето.
Од истата причина, најдобро е да избегнувате миење на тиквичките сè додека не решите да ги готвите. Секоја капка вода што ќе остане на нивната кора може да предизвика појава на мувла и гниење.
Исто така, треба да исегурsubте проток на воздух. Ако ги чувате во пластична или хартиена кеса, оставете го едниот крај отворен за да овозможите циркулација на воздухот. Доколку тиквичките што сте ги купиле доаѓаат во херметички затворено пластично пакување, издупчете неколку мали дупки во него за да може зеленчукот да „дише“.
Каде да ги чувате веќе исечените тиквички?
Откако ќе ги исечете на кругови или коцки, тиквичките повторно мора да одат во фрижидер, но овој пат во херметички затворен сад обложен со хартиена салфетка. Салфетката е клучна бидејќи ќе го впие вишокот влага што ја испушта исечениот зеленчук. Како и кај повеќето други зеленчуци, откако еднаш ќе ги исечете, ќе мора да ги искористите побрзо пред да почнат да пропаѓаат.
Колку долго можат да издржат во фрижидер?
Цели тиквички: Во зависност од тоа колку биле свежи кога сте ги купиле, правилно чуваните цели тиквички можат да траат од една до две недели. Идеално би било да ги чувате подалеку од овошје и зеленчук кои испуштаат многу етилен (гас што го забрзува зреењето), како што се доматите или бананите.
Исечени тиквички: Откако ќе се исечат, обично имате само четири до пет дена пред зеленчукот да почне да покажува знаци на расипување.
Како да препознаете дали тиквичките се расипале?
Мувлата е секогаш првиот и најочигледен знак дека зеленчукот е за во ѓубре, а тоа важи и за тиквичките. Други јасни показатели дека на тиквичките им поминал рокот се меки (кашести) делови на допир и темни, кафеави дамки. Од друга страна, набрчканата кора (сама по себе) не значи дека мора да ги фрлите. Слично како кај пиперките, тоа е само знак дека зеленчукот губи влага. Сè додека нема други знаци на распаѓање или мувла, тиквичките се сосема безбедни и добри за готвење.