Нафтата паѓа под 100 долари, мирисот на договор го смирува пазарот

Пазарите утрово реагираа со олеснување по сигналите за можно смирување на кризата на Блискиот Исток, откако цената на нафтата повторно се спушти под границата од 100 долари за барел.

Нафтата забележа пад во раното тргување во петокот, додека инвеститорите внимателно ги следат дипломатските сигнали од Блискиот Исток. По неколку недели силни ценовни шокови, пазарот почна да реагира на најавите за можно продолжување на разговорите меѓу САД и Иран, како и на 10-дневното примирје меѓу Израел и Либан, што донесе барем краткотрајно олеснување на глобалните енергетски берзи.

Во утринското тргување, суровата нафта Брент се спушти на околу 98,78 долари за барел, додека американската WTI се тргуваше околу 93,80 долари. Со тоа, делумно се избриша растот од претходните денови, кога стравувањата од поширока регионална ескалација повторно ја турнаа цената нагоре.

Пазарите сега играат на картата на дипломатијата. Доналд Трамп изјави дека постои можност САД и Иран да седнат на разговори уште овој викенд, а во исто време се појавија и сигнали дека двете страни сè повеќе се насочуваат кон привремен меморандум што би требало да спречи ново разгорување на конфликтот. Иако сè уште нема потврда за траен договор, самиот факт што повторно се зборува за преговори беше доволен за да го олади пазарот.

Дополнителен ефект имаше и примирјето меѓу Израел и Либан, кое почна да важи во четвртокот. Тоа е договорено како 10-дневна пауза со можност за продолжување, а неговата цел е да отвори простор за понатамошни разговори за трајно безбедносно решение. Иако состојбата останува кревка, самото стапување во сила на примирјето испрати порака дека барем дел од фронтовите во регионот може привремено да се смират.

Сепак, нервозата на пазарите не исчезна. Ормутскиот теснец, една од најважните точки за светското снабдување со нафта, и натаму останува под сериозен притисок. Ројтерс наведува дека неговото затворање изминатите недели блокирало околу 20 проценти од глобалната понуда, односно приближно 13 милиони барели дневно. Токму затоа, и покрај денешниот пад, цените сè уште се чувствителни на секоја нова изјава, напад или дипломатски сигнал од регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни