Цените на нафтата забележаа пад на меѓународните пазари, откако нови медиумски извештаи ги поттикнаа очекувањата дека би можело да дојде до договор меѓу САД и Иран и постепено отворање на Ормускиот Теснец.
На лондонскиот пазар барел нафта поевтини за 3,42 долари и изнесуваше 96,16 долари. На американскиот пазар цената се намали за 3,74 долари, на 90,15 долари.
Пазарите од почетокот на неделата внимателно ги следат сигналите од Вашингтон и Техеран, обидувајќи се да проценат дали постојат реални шанси за нормализирање на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, еден од најважните енергетски коридори во светот.
Првично, трговците очекуваа дека САД и Иран би можеле наскоро да постигнат рамка за мировен договор. Но, оптимизмот беше нарушен по новите американски напади врз ирански цели.
Американската војска соопшти дека повторно нападнала ирански пловила и ракетни позиции во Персискиот Залив, наведувајќи дека целта била „заштита на американските војници“.
Техеран, пак, оцени дека нападите претставуваат прекршување на примирјето и порача дека го задржува правото на одговор.
Нов бран шпекулации предизвика извештајот на иранската државна телевизија за прелиминарна рамка на меморандум за разбирање меѓу САД и Иран.
Според нацрт-документот, Иран би требало да обезбеди нормализација на комерцијалниот бродски сообраќај низ Ормускиот Теснец во рок од еден месец. За возврат, САД би ги повлекле воените сили подалеку од Иран и би ја укинале блокадата на иранските пристаништа.
Иранската телевизија нагласи дека рамката сè уште не е финализирана и дека Техеран нема да преземе конкретни чекори без потврдена согласност.
Аналитичарите оценуваат дека има „конкретен напредок“ кон смирување на кризата. Според нив, низ Ормускиот Теснец веќе поминуваат сè повеќе танкери и бродови за течен природен гас.
Секој сигнал за отворање на теснецот веднаш се одразува врз цената на нафтата, бидејќи преку овој поморски коридор минува значаен дел од глобалната трговија со енергенси.