Цените на нафтата паднаа за повеќе од 1 отсто по извештаите дека САД и Иран постигнале потенцијален договор за продолжување на примирјето и укинување на ограничувањата за пловидба низ Ормускиот Теснец. Brent нафтата се намали за 1,32 отсто, на 92,47 долари за барел, додека американската WTI падна за 1,55 отсто, на 87,52 долари за барел.
Сепак, договорот сè уште не е финален, бидејќи треба да го одобри американскиот претседател Доналд Трамп, додека иранските државни медиуми тврдат дека ништо не е завршено.
Brent оваа недела изгуби 10,5 отсто, што е најголем неделен пад од почетокот на април, додека WTI е во минус од 9,2 отсто, најголем неделен пад од средината на април. Аналитичарите оценуваат дека ако продолжи наративот дека конфликтот се смирува, цените може дополнително да се движат кон пониски нивоа.
Но, враќањето на пазарот во нормала нема да оди преку ноќ. Сообраќајот низ Ормускиот Теснец и натаму е далеку под нивото пред војната, а производството и рафинериите во регионот ќе закрепнуваат постепено, особено затоа што дел од инфраструктурата беше погодена во претходните напади.