Цената на нафтата се задржа на 85 долари за барел

Цените на нафтата на меѓународните пазари се задржаа близу 85 долари денеска, сигнализирajќи претпазливост кај инвеститорите за ризикот на испораките од Персискиот залив.

Барел нафта на лондонскиот пазар остана на 85,05 долари, приближно исто како вчера, додека американскиот барел се тргуваше по 79,66 долари, без значителни промени.

Договорениот американско-ирански рамковен договор за завршување на војната, кој веќе не е на сила, ја потврди иранската контрола над Ормускиот теснец, со предупредувања дека бродовите мора да користат исклучиво „безбеден” коридор долж иранскиот брег. Иранската војска неколкупати испукала дронови и проектили врз бродови во теснецот, САД возврати со напади врз цели во јужен Иран, а Техеран потоа целосно го запре сообраќајот низ Ормус. Вашингтон во меѓувреме ја повлече дозволата за извоз на ирански нафта и повторно воведе поморска блокада на иранските пристаништа.

Заменикот на командантот на иранската Револуционерна гарда, Јадолах Џавани, во четвртокот порача дека САД нема да можат да го отворат Ормус со воена сила, додека Техеран останува на ставот дека „енергијата или ќе биде достапна за сите, или нема да биде достапна за никого”. Трамп се закани со уништување на енергетски објекти во Иран доколку Техеран не ги прифати американските барања, на што Иран возврати дека тогаш ќе ја уништи инфраструктурата во регионот, порачувајќи дека Ормус за Техеран е „црвена линија”.

Трговците сепак беа делумно смирени откако Иран ослободи американска државјанка, наводно задржана во земјата од 2024 година, гест кој Трамп го нарече „добра волја” на Иран. Според Ројтерс, тоа потенцијално сигнализира пат кон намалување на заканата од целосен воен судир.

е-Трн да боцка во твојот инбокс