Над 60% од граѓаните во Македонија поддржуваат членство во ЕУ, покажува ново истражување

Истражување на Европската комисија покажува дека повеќе од 60% од граѓаните во Македонија ја поддржуваат европската интеграција, и покрај долгогодишните блокади и застои во процесот.

Повеќе од 60 проценти од граѓаните во Македонија и натаму ја поддржуваат идејата за членство на земјата во Европската Унија, покажува најновото истражување на Европската комисија Европска комисија за перцепцијата на проширувањето меѓу државите од Западен Балкан, Источното соседство и Турција.

И покрај долгогодишните блокади, политички условувања и бавниот напредок во пристапниот процес, поддршката за европска интеграција останува стабилна во Македонија, како и во повеќето земји кандидати и потенцијални кандидати, наведува истражувањето. Граѓаните најчесто членството во ЕУ го поврзуваат со поголема безбедност, подобри економски можности и подобра иднина за младите генерации.

Според резултатите, највисока поддршка во регионот има во Албанија со 92 проценти, додека Косово следи со 83 проценти. Во Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина поддршката се движи над 60 проценти. Најниска поддршка е регистрирана во Србија, каде што 31 процент од испитаниците се изјасниле за членство во Унијата.

Истражувањето укажува и на растечки оптимизам во Црна Гора, каде 62 проценти од граѓаните веруваат дека земјата би можела да стане членка на ЕУ во следните пет години, што е значителен раст во однос на претходната година. Во Европската комисија велат дека ваквите податоци ќе помогнат во планирањето на комуникацијата со граѓаните и следењето на јавното мислење за процесот на проширување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс