Меѓу 1000 и 1100 хектари посеви со тутун и сончоглед се уништени по вчерашното невреме сп храд што го зафати Долнени и регионот.
Градот со големина на орев и силниот ветер на некои места родот го уништил и до 100 проценти. Земјоделците стравуваат дека приносите значително ќе им бидат намалени, а ќе претрпат и финансиска штета бидејќи на најголемиот дел од нив производството не им е осигурено.
„Состојбата е катастрофална. Значи, сега само што пристигнав од терен. Бев во посета на атарите на Дебреште, Ропотово, Заполжани, Лажани, Новоселани, а најкатастрофално е во Новоселани и Заполжани… Има тутуни кај што се оштетени 100%, значи не можат да влезат. Од градот има поплавени површини, полегнато тутуни, така што навистина е загрижувачка состојбата таму од невремето што е направено вчера“, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Заради сè почестите катастрофални невремиња, од Сојузот велат дека ќе бараат итно да се врати можноста при склучувањето договори за откуп да се склучуваат и осигурителни договори.
„Ќе бараме сега, на првиот состанок во Министерството за земјоделие да го вратиме стариот закон – при самото склучување на договорите за тутун да бидат склучени и договорите за осигурување во осигурителните компании. Така што, со тоа за дел од загубата што ќе ја имаат, да бидат обесштетени“, објаснува Ристески.